Фудбалската репрезентација на Колумбија го победи Узбекистан со 3:1 во Мексико Сити, во натпревар од првото коло во групата К на Светското првенство. Блескаше ѕвездата на Баерн Минхен, Луис Дијаз. Тој му асистираше на Даниел Муњоз за водство на Колумбија во 41. минута, а потоа самиот се запиша во листата на стрелци во 66. минута. Третиот гол за Колумбија го постигна Хаминтон Кампас во деветтата минута од судиското продолжение.
За Узбекистан, кој за првпат настапува на Светско првенство и е предводен од Фабио Канаваро, стрелец беше Абосбек Фајзулаев во 61. минута.
Натпреварот почна нервозно, а првиот жолт картон го доби Јохан Мохика уште во седмата минута по прекршок врз Фајзулаев. Првата посериозна можност ја имаше Колумбија во 17. минута кога Сантијаго Ариас шутираше од околу 15 метри, но ја погоди надворешната страна од мрежата. Најголемата шанса во првото полувреме ја пропушти Луис Дијаз во 32. минута. По приемот на топката на левата страна од шеснаесетникот, шутираше кон спротивниот агол, но неговиот удар заврши во стативата. Две минути подоцна жолт картон доби и узбекистанскиот дефанзивец Абдукодир Хусанов по прекршок врз Дијаз.
Колумбија поведе во 41. минута. Дијаз испрати одличен центаршут во срцето на шеснаесетникот, каде што налета десниот бек Даниел Муњоз и ја испрати топката во мрежата за 1:0.
Селекторот на Узбекистан, Фабио Канаваро, на полувремето направи две измени и во игра ги внесе Отабек Хамдамов и Сајфи Сајфиев. Потегот даде резултат во 60. минута, кога Узбекистан стигна до израмнување. Елдор Шомуродов шутираше од волеј, голманот Камило Варгас одбрани, но топката се одби до Фајзулаев, кој од непосредна близина погоди за 1:1.
Сепак, славјето на Узбекистан траеше кратко. Само шест минути подоцна Колумбија повторно поведе. По загубена топка на средината од теренот, Колумбијците тргнаа во брз контранапад. Кевин Пуерта го проигра Дијаз на левата страна, а фудбалерот на Баерн Минхен прецизно погоди за 2:1, иако голманот Уткир Јусупов ја допре топката. До крајот на натпреварот двата селектори направија повеќе измени. Колумбија го контролираше резултатот, додека најдобрата можност за ново израмнување Узбекистан ја имаше во 90. минута, кога Мозговој шутираше над голот.
Во долгото судиско продолжение, Колумбија ја потврди победата. Во 99. минута, Јандерсон Ернандез се избори за топката на десната страна и центрираше, а Хаминтон Кампас со удар со глава ги постави конечните 3:1. Во последните моменти од натпреварот, Каримов со силен удар од околу 25 метри ја погоди пречката. Со оваа победа Колумбија го презеде врвот во групата К по првото коло на Светското првенство.