Колона до Стар Дојран: Четири часа се чека за влез во Грција

Огромниот број возила ја исполни меѓуграничната зона, а колоната од преминот „Дојран“ се протега до црквата „Свети Илија“

Километарска колона возила што се движат кон Грција денеска го блокираше регионалниот пат низ Стар Дојран. Застојот трае околу четири часа, а колоната од граничниот премин се протега до црквата „Свети Илија“ на влезот во градот.

Според информациите од граничниот премин „Дојран“, проблемот е на грчката страна, каде што службите не успеваат да го прифатат огромниот број возила, иако работат со сите расположливи капацитети.

Меѓуграничната зона е целосно исполнета, поради што колоната се прелеала на македонска територија и го блокирала сообраќајот низ Стар Дојран.

Дополнителен притисок создава метежот на граничниот премин „Богородица“. Дел од патниците се пренасочуваат кон Дојран, надевајќи се дека таму побрзо ќе влезат во Грција, но со тоа дополнително се оптоваруваат пристапниот пат и улиците во градот.

Од граничните служби посочуваат дека најголемите гужви вообичаено се создаваат на почетокот од неделата, кога почнуваат новите туристички аранжмани. Метежот е најизразен на крајот од јули и почетокот од август, во екот на сезоната за годишни одмори.

На возачите им се препорачува пред тргнување да ја проверат состојбата на граничните премини и да понесат доволно вода поради високите температури и можноста за повеќечасовно чекање.

Извор: Рацин.мк

е-Трн да боцка во твојот инбокс