Резултатите од истражувањето „Disrupting Harm“, кое ги анализира природата и обемот на технолошки овозможената сексуална експлоатација и злоупотреба на деца во Северна Македонија, денеска ќе бидат презентирани во Скопје. Истражувањето е дел од повеќедржавната програма „Disrupting Harm“, финансирана од Safe Online, а спроведена од ECPAT International, INTERPOL и Канцеларијата за истражување и предвидување на УНИЦЕФ – Innocenti, во партнерство со национални институции и организации.
Истражувањето за првпат обезбедува сеопфатни докази за тоа со какви ризици се соочуваат децата во дигиталниот простор и на кои начини технологијата може да биде искористена за нивна сексуална експлоатација и злоупотреба. Во извештајот се обединети искуствата и ставовите на повеќе групи кои се директно засегнати од проблемот, деца и родители, но и професионалци од правосудството, органите за спроведување на законот и службите кои работат со деца и семејства.
Наодите треба да дадат појасна слика за ризиците со кои се соочуваат децата онлајн, но и за начинот на кој институциите и системот за заштита реагираат кога ќе дојде до злоупотреба. Посебен фокус е ставен на потребата од подобра превенција, поефикасна институционална реакција и координиран пристап во заштитата на децата од сексуална експлоатација и злоупотреба овозможена преку технологијата.
Препораките од истражувањето се наменети да придонесат кон креирање поефикасни политики и конкретни активности за заштита на децата, како и кон подобрување на соработката меѓу институциите и организациите кои имаат улога во спречувањето и откривањето на ваквите случаи.
Презентацијата на резултатите ќе биде можност за институциите, професионалците и организациите што работат во областа на заштитата на децата да ги разгледаат клучните наоди и да разговараат за следните чекори во справувањето со сексуалната експлоатација и злоупотреба на деца во дигиталната средина.