Нова анализа на Американското здружение за срце покажува дека умереното пиење кафе не го зголемува ризикот од кардиоваскуларни заболувања, а кај дел од луѓето може дури да има и заштитен ефект. Сепак, не е важна само количината, туку и видот на кафето и она што го додаваме во него.
Кафето со години беше предмет на дебати кога станува збор за здравјето на срцето. Додека порано се предупредуваше дека кофеинот може да предизвика забрзано чукање на срцето и да го зголеми ризикот од срцеви проблеми, новите истражувања носат поинаква слика.
Според најновата научна анализа на American Heart Association, внесот до 400 милиграми кофеин дневно – количина што приближно одговара на четири до пет шолји црно кафе, кај повеќето здрави возрасни лица не е поврзан со зголемен ризик од срцеви заболувања.
„Кофеинот од кафето е дел од секојдневието на милиони луѓе. Досегашните докази покажуваат дека умереното количество не го зголемува кардиоваскуларниот ризик кај повеќето возрасни“, наведува професорот Грегори Маркус од Универзитетот во Калифорнија, кој го предводел истражувачкиот тим.
Две до четири шолји дневно – најдобар баланс
Истражувањата покажуваат дека умерената консумација на кафе, особено црно кафе без шеќер и дополнителни калории, може да биде поврзана со помал ризик од: дијабетес тип 2, срцеви заболувања, мозочен удар и срцева слабост.
Најголеми придобивки се забележани кај луѓето кои пијат околу две до четири шолји кафе дневно. Сепак, премногу кофеин може да има спротивен ефект. Кај дел од луѓето, повеќе од четири шолји дневно може да предизвикаат проблеми како забрзано чукање на срцето, нарушување на ритамот, анксиозност или проблеми со спиењето.
Не секое кафе има ист ефект
Научниците предупредуваат дека важен фактор е и начинот на подготовка. Нефилтрираните видови кафе, како турско кафе, еспресо или кафе подготвено во француска преса, содржат поголеми количини кафестол – соединение кое може да го зголеми нивото на LDL холестерол, познат како „лош холестерол“.
Од друга страна, филтрираното кафе и инстант кафето содржат многу помалку кафестол и се сметаат за подобар избор за луѓето кои внимаваат на холестеролот.
Проблемот често не е кафето, туку додатоците
Експертите посочуваат дека една шолја црно кафе со малку калории може да стане сосема поинаков производ кога ќе се додадат: шеќер, слатки сирупи и големи количини млеко или павлака. Таквите додатоци може да го зголемат внесот на калории и да ги намалат потенцијалните здравствени придобивки.
За разлика од кафето, поголема загриженост претставуваат енергетските пијалаци и концентрираните „energy shot“ производи. Тие често содржат многу поголеми дози кофеин во мала количина течност, што може да доведе до покачен крвен притисок, нарушувања на срцевиот ритам и дополнителен стрес врз кардиоваскуларниот систем.
Нема иста граница за сите
Научниците нагласуваат дека реакцијата на кофеинот е индивидуална. Некои луѓе го разградуваат кофеинот побавно и се почувствителни на неговото дејство.
На количината што е безбедна влијаат: возраста, генетиката, постојните здравствени состојби и брзината на метаболизмот. Затоа, ако кафето предизвикува палпитации, несоница или вознемиреност, тоа е сигнал дека внесот треба да се намали.
Заклучокот на научниците е јасен: за повеќето луѓе кафето не е непријател на срцето. Умереното уживање во неколку шолји дневно, особено филтрирано црно кафе без додатоци, може да биде дел од здрав начин на живот.