Колку е навистина опасно да оставите дете или куче во автомобил? Температурата станува смртоносна за само неколку минути

Дури и неколку минути невнимание можат да доведат до сериозни последици.

Во летните месеци, оставањето деца или домашни миленици во автомобил, дури и на неколку минути, може да има сериозни и трагични последици. Иако многу возачи сметаат дека „само ќе излезам на кратко“, реалноста е дека внатрешноста на возилото се загрева екстремно брзо и станува опасна по живот.

Тестови на производителот Ford покажуваат дека затворен автомобил на сонце може да се претвори во вистинска „печка“, дури и кога надворешните температури не се екстремно високи. Според мерењата: при надворешна температура од околу 20°C, внатрешноста може да достигне 46°C за еден час, при околу 30°C надвор, загревањето е уште побрзо и температурата може да достигне и 56°C за само 60 минути.

Овие услови се крајно опасни за човечкиот организам, особено во затворен простор без вентилација. Децата и домашните миленици се најранливи бидејќи: побрзо се прегреваат, потешко ја регулираат телесната температура и развиваат топлотен удар многу побрзо од возрасните. Кај кучињата, симптоми на топлотен удар може да се појават дури и по 15 минути.

Една честа заблуда е дека малку отворен прозор ќе ја реши ситуацијата. Стручњаците предупредуваат дека тоа не прави значајна разлика, бидејќи топлината и понатаму се задржува и се акумулира во затворениот простор. Експертите јасно истакнуваат дека во летни горештини не постои безбедно време за оставање дете или животно во паркиран автомобил, особено ако возилото е изложено на директно сонце. Дури и неколку минути невнимание можат да доведат до сериозни последици.

е-Трн да боцка во твојот инбокс