Евровизиската недела продолжува вечерва со второто полуфинале, во кое ќе настапат претставници од 15 земји. По првата полуфинална вечер, ова шоу ќе ја комплетира листата на учесници што ќе се пласираат во големото финале, закажано за 16 мај.
Во вечервашната програма ќе настапат Бугарија, Азербејџан, Романија, Луксембург, Чешка, Ерменија, Швајцарија, Кипар, Латвија, Данска, Австралија, Украина, Албанија, Малта и Норвешка. Редоследот на настапите го отвора Бугарија со ДАРА и песната „Bangaranga“, а последна ќе настапи Норвешка со Јонас Ловв и „YA YA YA“.
Покрај земјите што се борат за место во финалето, вечерва ќе гласаат и ќе настапат дел од директните финалисти. Австрија, како домаќин на финалето, Франција и Велика Британија ќе бидат дел од втората полуфинална вечер, додека Германија и Италија настапија и гласаа во првото полуфинале.
Се очекува вечерта да ја отвори минатогодишниот победник Џеј Џеј со победничката песна „Wasted Love“, а во текот на шоуто тој треба да ја претстави и својата нова песна. Дел од програмата организаторите сè уште ја чуваат во тајност.
Гласањето во полуфиналето ќе се отвори по изведбата на последната песна и ќе трае нешто помалку од 20 минути. Земјите не можат да гласаат за сопствениот претставник, а гледачите можат да гласаат најмногу 10 пати. Во финалето, гласањето ќе започне непосредно пред првиот настап и ќе остане отворено за време на сите изведби и околу 40 минути по последната песна.
Вечерва ќе се знае кои земји ќе им се приклучат на финалистите и ќе ја комплетираат завршната листа за големото евровизиско финале.