Корнетот за сладолед повеќе од еден век е еден од најпрепознатливите симболи на летото. Денес го доживуваме како нешто сосема обично, но неговата приказна е подолга и поинтересна отколку што изгледа на прв поглед.
Првите јадливи обланди постоеле многу пред модерниот корнет и често се служеле заедно со сладолед. Историчарите сметаат дека еден од најраните визуелни докази за сладолед во форма слична на денешниот корнет потекнува од 1807 година, кога на гравура од париско кафуле била прикажана жена со сладолед во рака.
Во 19 век, десертите со обланди станувале сè попопуларни, а сладоледот најчесто се продавал во мали стаклени чаши што постојано се користеле повторно. Тоа било нехигиенски и непрактично, па постепено се појавила потребата од јадлива амбалажа.
Како еден од првите луѓе поврзани со изумот на корнетот најчесто се споменува италијанскиот имигрант Italo Marchiony. Тој во New York продавал сладолед во јадливи чашки, а во 1903 година патентирал машина за нивно производство.
Сепак, најпознатата приказна за модерниот корнет е поврзана со Светската изложба во St. Louis во 1904 година.
Според легендата, еден продавач на сладолед останал без садови, па соседниот продавач на вафли му помогнал така што свиткал топол вафел во форма на конус. Посетителите биле воодушевени, а идејата брзо се проширила низ Америка.
По успехот на корнетот започнало масовно производство, а биле создадени и специјални машини за негова изработка. До 1920-тите години индустријата доживеала вистински бум, а денес фабриките произведуваат стотици илјади корнети дневно.
Иако никогаш не е целосно докажано кој точно го измислил корнетот, едно е сигурно: овој едноставен и вкусен изум засекогаш го промени начинот на кој уживаме во сладоледот.