Демократска Република Конго се соочува со голема епидемија на ебола, која според последните податоци на Светската здравствена организација досега предизвикала 220 сомнителни смртни случаи и повеќе од 900 сомнителни инфекции. Светската здравствена организација на 16 мај прогласи вонредна здравствена состојба од меѓународно значење, предупредувајќи дека кризата дополнително се влошува поради кратењето на меѓународната помош и вооружените конфликти во регионот.
„Оваа епидемија ја погодува земјата во момент кога системот е веќе на раб на колапс“, изјави Маненџи Мангунду, директор на Оксфам во Демократска Република Конго.
Според него, долгогодишните кратења на помошта сериозно ги ослабнале системите за надзор и рано откривање на болеста. Меѓународната организација Интернешнл рескју комити предупреди дека намаленото финансирање оставило многу здравствени установи без заштитна опрема и доволен капацитет за брз одговор.
Според Обединетите Нации, околу 239 милиони луѓе ќе имаат потреба од итна хуманитарна помош во 2026 година, по година обележана со сериозни кратења на хуманитарните операции. Официјалната развојна помош од 33-те земји членки на Организацијата за економска соработка и развој во 2023 година изнесувала 229 милијарди долари.
Во 2024 година сумата паднала на 215 милијарди долари, а во 2025 дополнително се намалила на 165 милијарди долари. Најголеми донатори по обем и понатаму остануваат Германија, Соединетите Американски Држави, Обединетото Кралство, Јапонија и Франција.
Сепак, токму овие земји во 2025 година учествувале со 95,7 проценти од вкупниот пад на странската помош.
Најголем пад забележале Соединетите Американски Држави, каде помошта е намалена за 56,9 проценти во споредба со 2024 година, најголемо годишно намалување некогаш регистрирано. Во однос на бруто-националниот доход, најголем удел за хуманитарна помош издвојуваат Норвешка, Луксембург, Шведска, Данска и Холандија.
Заедно со своите 27 земји членки, Европската Унија останува најголем светски донатор на хуманитарна помош. Таа и земјите членки во 2025 година обезбедиле околу 40 проценти од глобалната хуманитарна помош. Долгорочниот буџет на Европската Унија за периодот 2021–2027 предвидува 11,57 милијарди евра за хуманитарна помош, односно околу 1,65 милијарди евра годишно. Во моментов се водат преговори за буџетот за периодот 2028–2034.