Електричните апарати во домаќинството,од греалки и рерни до телевизори и полначи – можат да претставуваат сериозен ризик од пожар, предупредуваат електричари. Иако најопасни се уредите што имаат грејни тела, ниту модерната електроника не е целосно безбедна, особено кога доаѓа до прегревање, дефект или преоптоварување на инсталацијата.
Електричари објаснуваат дека најголем ризик претставуваат греалки, рерни, шпорети, пегли, машини за сушење алишта и машини за перење, бидејќи нивните елементи достигнуваат многу високи температури. Доколку дојде до дефект или контакт со запалив материјал, лесно може да избие пожар.
„За разлика од нив, телевизорите, компјутерите и лаптопите немаат грејни тела, но содржат микропроцесори кои работат дури и кога уредот е исклучен, на пример кога чека сигнал од далечинскиот управувач. Тие елементи се загреваат и при краток спој, особено ако инсталацијата не е соодветна, може да дојде до искрење и пожар“, предупредуваат тие.
Според нив, повисоката цена често значи и подобар квалитет, бидејќи поскапите уреди најчесто имаат подобра изолација и поквалитетни проводници кои помалку се загреваат. Сепак, тоа не значи дека евтините уреди се нужно лоши, туку дека клучен проблем се деловите што создаваат топлина.
Совет е при подолго отсуство од домот задолжително треба да се исклучат бојлерот, машината за перење, сушарата и рерната. Според него, модерните функции како одложен старт не се доволна гаранција за безбедност.
„Не би ризикувал да оставам машина за перење, сушење или печење да работи без надзор. Имам видено машини што се оштетиле, па дури и експлодирале поради дефект на одреден дел“, велат.
Дополнителен проблем претставуваат старите електрични инсталации, кои често не се направени за денешното ниво на оптоварување во домовите. Според експертите, ни најквалитетниот уред не може да го намали ризикот ако инсталацијата е стара или неисправна.
„Ако купувате или се вселувате во постар стан, задолжително повикајте стручно лице да ја провери инсталацијата, а по можност и целосно да ја замени“, советуваат.
Еден од најважните предупредувачки знаци е прегревање на полначи, штекери или продолжни кабли. Сандиќ објаснува дека е нормално полначот благо да се загрее додека го полни телефонот, особено кај брзите полначи, но ако остане жежок и по завршување на полнењето, тоа може да укажува на проблем.
„Кога полнач, штекер или продолжен кабел се жешки и кога не се под оптоварување, тоа може да значи лош контакт, дефект или преоптоварување на инсталацијата. Тогаш струјата создава отпор и дополнително загревање, што го зголемува ризикот од пожар“, предупредуваат.
Експертите советуваат при појава на чад или искри веднаш да се исклучи струјата преку осигурувачите и да не се допираат метални куќишта на уредите, бидејќи може да бидат под напон. Во модерните домови дополнителна заштита обезбедуваат таканаречените FID склопки, кои автоматски го прекинуваат напојувањето при истекување на струја и значително го намалуваат ризикот од струен удар и пожар.