Кафе-книжарницата „Илика“ го најави почетокот на тримесечната програма „Книжевно лето со Илика“, замислена како простор за книжевни средби, нови наслови, разговори и креативни работилници во текот на летото.
Јунската програма носи неколку настани во дворчето на „Илика“, со фокус на современата книжевност, независното издаваштво, климатската криза, креативното пишување и книжевните форми што зборуваат за современите општествени состојби.
Од „Илика“ најавуваат и летно работно време, кое започнува од 8 јуни и ќе биде двократно, од 9:00 до 14:00 часот и од 17:00 до 22:00 часот.
Книжевен кружок за Едуар Луј
Првиот настан од јунската програма ќе се одржи на 5 јуни во 18 часот, со книжевен кружок посветен на романот „Борбите и трансформациите на една жена“ од современиот француски автор Едуар Луј.
Книгата отвора прашања за идентитетот, класата и женското искуство, преку приказна што го следи искуството на жената како мајка, но и општествените услови во кои се формира тоа ранливо и важно искуство.
Романот на македонски јазик е достапен во превод на Ацо Пероски, а книжевниот кружок ќе го модерира Ивана Јовановска. За учество е потребна пријава преку социјалните мрежи на „Илика“ или на нивната електронска адреса.
„Друго е на сонце!“ со Бојана Низамовска и Руки Чуки
На 8 јуни во 19 часот ќе се одржи промоцијата на новото издание на „Илика“, „Друго е на сонце!“ од Бојана Низамовска и Руки Чуки.
Станува збор за мала, илустрирана книга во која слатко-горчливите, меланхолични и хумористични песни на Бојана Низамовска се спојуваат со колоритните илустрации на Руки Чуки.
Книгата носи сцени од градот, заборавени места, случајни средби, копнежливи погледи и насмевки. Промоцијата ќе ја модерира Катерина Шекутковска, која ќе разговара со авторките Бојана Низамовска и Руки Чуки.
Еко-фикција и климатска криза преку „Министерство за иднина“
На 13 јуни во 19 часот, под наслов „Екотопија сега!“, ќе се одржи промоција на романот „Министерство за иднина“ од Ким Стенли Робинсон.
Романот, кој беше објавен на македонски јазик кон крајот на 2025 година, зборува за климатската криза, последиците од човековата негрижа кон планетата и можностите за колективна и индивидуална акција.
Ким Стенли Робинсон, истакнат американски писател и екосоцијалист, преку ова дело отвора прашања за тоа дали сè уште има надеж и што може да се направи за да се сопре агресивното уништување на Земјата.
За романот ќе разговараат уредниците Ведран Диздаревиќ и Катерина Шекутковска, заедно со преведувачот Игор Раиден.
Книжевноста меѓу бројките, мерките и кризите
На 17 јуни во 19 часот ќе се одржи книжевниот разговор „Подем и пад, мерки и раст“, посветен на квантитетите, кризите и начинот на кој книжевноста одговара на постојаното мерење и споредување на реалноста.
Разговорот ќе тргне од идејата за „метричко ние“, односно општество кое постојано оценува, квантифицира и споредува различни аспекти од животот, од изминати километри и внесени калории, до бруто домашен производ, жртви од војни и болести или степен на глобално затоплување.
Низ примери од современата белетристика и поезија, Љубица Шопова и Катерина Шекутковска ќе разговараат за книжевното обликување на квантитетите и за врската меѓу книжевноста и кризите.
Љубица Шопова е авторка на стихозбирката „Надвор од единиците мерки“, а својот магистерски труд го посветува на бихевиоралната економија. Катерина Шекутковска е уредничка во издавачката куќа „Илика“ и една од организаторките и уредничките на научната конференција и зборникот „Поетика на квантитетот“.
Работилница за креативно пишување
На 24 јуни во 19 часот ќе се одржи работилницата „Пишувачки игри“, наменета за сите што сакаат да си играат со зборови или им треба раздвижување на имагинацијата.
Работилницата ќе ја модерира Ана Тодоровска, а претходно искуство не е потребно. Учесниците можат да се пријават преку социјалните мрежи на „Илика“ или преку електронска пошта.
Ново издание од Арнон Грунберг
Покрај настаните, „Илика“ го најавува и новото издание „Фантомска болка“ од холандскиот автор Арнон Грунберг, кој минатата година беше претставен пред македонската публика со романот „Тирза“.
„Фантомска болка“ е трагикомедија за писателот Роберт Г. Мелман, кој се обидува да ја надмине болката од пропаднатите соништа и искривените претстави за сопствената вредност. Преку неговиот лик, Грунберг го претставува човековото бегство од реалноста во сопствено изграден свет на илузии.
Овој месец, со секој купен примерок на „Фантомска болка“, романот „Тирза“ може да се добие за половина цена.