Клучарот Мирко беше легенда во Старата скопска чаршија. Тој беше вештак кој ѝ помагаше на полицијата, шегаџија и професионалец во отклучување на секакви брави и се сметаше за најдобриот во својот занает. Луѓето веруваа на неговите вештини и го бараа секогаш кога имаа потешкотии. Мајсторот Мирко беше не само клучар, туку и дружељубива личност кој секогаш беше спремен за мајтапење и приказни. Неговото присуство во чаршијата го правеше тоа место посебно и го збогатуваше со својата уникатна личност. Сега, неговата легенда продолжува да живее во срцата на оние кои го паметат.
За хроничарот на Скопје Данило Коцевски, мајстор Мирко бил неисцрпен извор на информации за историјата на градот од 20 век.
„Тој е еден од симболите на старо Скопје. Споменот за него трае и денес, бидејќи мајстор Мирко клучарот, едноставно, беше жива енциклопедија на градот. Се дружеше со мајсторите, колеги од сите националности. Тој можеше да ви открие раритетен податок за градот или непозната фотографија. Често ме упатуваше на личности што беа жива историја на маалскиот живот“.
Градска.мк ја посети продавницата на мајстор Мирко каде што разговараше со неговиот син Владо Илиевски кој ни ја раскажа легендата за неговиот татко.

„Порано цело Скопје беше на Чаршија. Немаше трговски центри затоа сите работи скопјани ги правеа во Скопската чаршија. Имаше еснафи, имаше почит и љубов. Сите се почитуваа. Не постоеше зборот национализам или омраза“, вака го почна разговорот Илиевски.
„Него го знаеа сите во градот. Од обичен човек до најгоре. Секогаш кога поминуваа во Чаршија ќе дојдеа да се поздрават со него, а татко ми сакал многу да се шегува и со сите кој што ќе дојдеа дали бил генерал, дали бил нешто друго секогаш морал да ги закачи нешто и сите тука се смееле. Во денешно време тоа е малку незгодно, тогаш немало лутење. Имало хумор, дали бил со титула, дали бил обичен човек сите доаѓале тука за да ги слушаат мајтапите“- кажува Илиевски.
Традиција од 100 години
Историјата на семејниот занает почнува пред повеќе сто години, а во дуќанот во Чаршија се од 1953. Мајсторот Мирко заедно со својот татко мајстор најпрво изработувале разни метални конструкции – гелендери, врати, рекламни паноа. На почетокот на 1960-тите се појавуваат бравите со патент-клучеви. Прв ќе донесе во Скопје машина за изработка на клучеви, а набргу одлучува да замине во Словенија, во Марибор, да учи занает во фабриката за каси и сефови.

„Татко ми во 60-та година почнува да работи клучеви, бидејќи пред тоа нели имало само најобични клучеви. Но околу 60-та година излегуваат првите патент брави на овие простори. Првите брави што стигнале, стигнале од Унгарија и се викале „ЕЛЗЕ-Т“, и по тоа беше крстена фирмата „ЕЛЗЕТ“ – и сега се вика „Мирко –ЕЛЗЕТ“. Татко ми кога почнува да работи некаде 60-та година и некаде 70 та година ги произведува првите сефови во Македонија„
Како се развива името Мирко
„Имаше една фирма што се викаше „Тутун“ каде се продаваше весници и цигари. Тоа беше претпријатие на хендикепирани лица, каде што директорот бил слеп. Но, толку добра фирма беше и работеше многу добро и почнаа да ги напаѓаат. Бидејќи директорот слушал за него го повикува татко ми, и кога отишол кај него да се поздрават директорот го фатил за рака и почнал да го пипка по дланката, а пошто рацете на татко ми биле рапави, тој му рекол јас со тебе можам да работам затоа што си чесен човек штом работиш со вакви раце. На него му беа направени некаде 170 сефа само од едниот модел па така почна да се развива ова име Мирко“.

Мајсторот Мирко по земјотресот во Скопје го отварал трезорот на Народна банка
Како што кажуваат сите, а за Градска.мк го раскажува и неговиот син мајсторот Мирко по катастрофалниот земјотрес учествувал во отворањето на трезорот на Народната банка.
„За време на земјотресот, бидејќи Скопје беше срушено. Народната Банка беше срушена и останале сефовите затворени. И бидејќи вработените погинеле, а двајца морале да го отворат трезорот, едниот едната брава другиот другата брава. И го викнале татко ми заедно со еден унгарец од Унгарија Меса Рош за да го отворат. Татко ми му помагал и ги пробил шифрите, што за тоа време шифра било научна – фантастика, и така ги отворале трезорот на Народна Банка за ги извадат парите и документите што имало“.
Одликуван лично од Јосип Броз Тито
Како што раскажува Илиевски, неговиот татко им помагал на истражните органи да разрешат кој и како извршил некоја кражба за што, во 1970-тите, бил одликуван со Орден за заслуги за СФРЈ, лично од Јосип Броз Тито.
„Сите крадци имаат начини на работа, и треба да ги споредиш да ги анализираш едниот начин, другиот, третиот и дали има групи што краделе. Одредуваш висина, тежина и на тој начин ги фаќаш крадците и на тој начин му помагаше на полицијата, па татко ми така доби орден од Јосип Броz – Тито за придонеси за Југославија бидејќи го носеа да работи за Југославија. Само ќе го снемаше една недела, после недела дена ќе се вратеше“.
Синот на Мајсторот Мирко, Владо Илиевски го продолжил занаетот на татко му, и кажува дека од него се живее но ни одблиску не е како порано.
извор: gradska.mk