Стотици приватни разговори на корисници со Клод, чет-ботот на компанијата Антропик, беа достапни преку Гугл пребарувањето поради опцијата за споделување во апликацијата. Проблемот прв го забележаа корисници на Реддит, кои пронашле над 200 такви разговори на најмалку 25 страници со резултати од пребарување, пишува БиБиСи.
Кога корисник ќе избере да сподели разговор со Клод, апликацијата го известува дека содржината може да ја види „секој со линкот“. Никаде, меѓутоа, не стои дека тие линкови можат да бидат индексирани и да се појават во резултатите од пребарување. Токму тоа се случило со пребарувачи како Гугл, кои ги индексирале споделените разговори и на тој начин ги направиле достапни за пошироката јавност.
Можноста тие записи да се најдат преку пребарување е отстранета во текот на викендот. Голем дел од разговорите, сепак, веќе биле архивирани и споделувани низ интернет пред да се отстранат од индексот.
Некои од споделените разговори се воделе пред само неколку недели. Во еден запис од минатата година, корисник прашал дали чет-ботот сака да му помогне нему или повеќе на Антропик, на што Клод одговорил дека „чувствува нешто како желба да помогне“. Друг разговор, од април, содржел барање до Клод да состави нацрт на необјавен блог за безбедност, со детали за конкретен корпоративен проект.
Меѓу јавно достапните разговори имало и барања за помош при пишување биографии, при што корисниците ги наведувале своите имиња, контакт податоци и работно искуство. Одредени записи содржеле и транскрипти на истражувања кои личат на доверливи деловни проекти, меѓу другото и од здравствениот сектор.
Портпаролката на Антропик изјави дека корисниците на Клод сами одлучуваат дали и кога ќе споделат свои разговори, и дека линковите „не можат да се погодат или откријат“ освен ако луѓето сами не изберат да ги споделат. „Кога некој ќе сподели разговор, таа содржина станува јавно достапна. Како и секоја друга јавна содржина на веб, може да ја архивираат сервиси на трети страни“, додала таа.
Од Гугл за БиБиСи рекоа дека компанијата не контролира кои страници се објавуваат на веб, туку тоа зависи од самите сајтови. Според него, Гугл им дава јасни алатки на сопствениците на страници со кои тие одлучуваат дали нивните страници ќе бидат индексирани.
Ова не е прв ваков случај во светот на AI чет-ботовите. Компанијата ОпенАИ минатата година имаше речиси идентичен проблем со јавно достапни записи од ЧетГПТ, по што пристапот до таквите податоци беше отежнат. Слично се случи и со Грок, чет-ботот на социјалната мрежа Икс, кога стотици илјади записи од разговори станаа достапни преку интернет пребарувања.