Клинички центар ќе се гради пред СЦ Борис Трајковски?

Постојано се зборува за изградба на нов Клинички центар кој никако да се изгради, а ова е трета предлог локација
OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Ниту на постојната локација, ниту на излез од Скопје, туку новиот Клинички центар треба да се гради на празниот простор пред СЦ Борис Трајковски. Ова денес го порача премиерот Христијан Мицкоски на брифинг со новинарите.

„Дефинитивно остануваме на ставот дека Клиничката болница во Скопје треба да се гради на платото пред базенот „Борис Трајковски“. Тоа е земјиште кое е во приватна сопственост. Преговараме со приватниот сопственик и сакаме тука да го направиме сето тоа да може со подземен тунел да се поврзе со актуелната болница 8 Септември. Тука ни е пет-центарот и поликлиниката Букурешт и тоа ќе биде еден целосен заокружен комплекс, рече на денешниот брифинг со новинарите премиерот Христијан Мицкоски. 

Според него ова земјиште има приватни сопственици но државата може да понуди трампа земја за земја.

Инаку, во последните речиси 20 години постојано се зборува за изградба на нов Клинички центар кој никако да се изгради, а споменатата локација е трета локација што се менува за Клиничкиот центар.

Најпрво, Владата во 2015 година донесе одлука Клиничкиот центар да се гради на сегашната локација, поточно каде што сега се наоѓа паркингот пред Клиниката за гинекологија.

Следната Влада, во 2018 година донесе одлука Клинички центар да се гради на излез од Скопје во месноста Веле поле во општина Ѓорче Петров, за денес премиерот да најави дека тој ќе се гради во Карпош.

е-Трн да боцка во твојот инбокс