Соединетите Американски Држави го известиле Израел дека во наредните денови планираат значително да ја интензивираат воената кампања против Иран, пренесе израелската јавна телевизија КАН, повикувајќи се на неименувани израелски и американски безбедносни претставници.
Според извештајот, Вашингтон побарал од Тел Авив да остане надвор од актуелната фаза на ескалацијата, и покрај проценките дека Иран би можел да изврши напад врз Израел. Американската администрација стравува дека евентуален израелски одговор врз иранска територија би можел дополнително да го прошири конфликтот.
Во меѓувреме, САД го зголемуваат своето воено присуство на Блискиот Исток. Во изминатите 24 часа во Израел се испратени дополнителна воена опрема и муниција како поддршка за американските борбени авиони.
Според израелскиот портал „Вала“, американската војска планира да распореди околу 100 авиони-цистерни за дополнување гориво во воздух во израелските воени бази и на аеродромот Рамон на југот од земјата. Дел од леталата би можеле да оперираат и од меѓународниот аеродром „Бен Гурион“ во близина на Тел Авив.
Истиот извор наведува дека само во текот на викендот во Израел пристигнале уште 14 американски авиони-цистерни.
Новата ескалација доаѓа откако во последните денови САД ги засилија воздушните напади врз ирански цели, а Техеран возврати со напади врз објекти и бази за кои тврди дека ги користи американската војска во повеќе земји од регионот.
Размената на напади продолжува и покрај меморандумот за разбирање што двете држави го потпишаа во јуни, со посредство на Пакистан, со цел да се постигне прекин на конфликтот и да се отвори пат кон траен мир.