Ќе се работи ли до 72 години? ММФ предлага подолг работен век, Владата засега без одлука

ММФ и Светска банка анализираат можни промени во пензискиот систем во Северна Македонија, вклучително и зголемување на старосната граница за пензионирање, додека Владата нагласува дека конечна одлука сè уште нема.

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светска банка ќе подготват детална анализа за состојбата со пензискиот систем во Северна Македонија, по што Владата ќе одлучува дали ќе има промени во старосната граница за пензионирање.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска изјави дека засега нема донесена никаква одлука, и дека државата ги чека препораките од меѓународните институции. Според неа, експертските анализи најверојатно ќе разгледуваат сценарија за постепено зголемување на возраста за пензионирање, поради демографските трендови и стареењето на населението – проблем кој е присутен во целиот регион и Европа.

Министерката, сепак, нагласува дека не поддржува задолжително зголемување за сите граѓани, туку предлага флексибилен модел. Според нејзиниот став, пензионирањето треба да биде и право на избор, каде што граѓаните со полесни работни места би можеле да работат и до 70, 71 или 72 години доколку сакаат.

Истовремено, за оние што работат во тешки услови, би се задржала постојната старосна граница.

Во анализите се споменува и состојбата со пензискиот фонд (ПИОМ), каде ревизорски извештаи укажуваат на зголемен дефицит и финансиски притисоци, како и обврски за префрлање средства во вториот пензиски столб. Дополнително, државата се соочува и со раст на јавниот долг, а најавено е и ново задолжување на меѓународните пазари до крајот на годината.

Иако се очекуваат препораки од ММФ, конечната одлука за евентуално поместување на старосната граница за пензионирање ќе ја донесе Владата во наредниот период.

е-Трн да боцка во твојот инбокс