Кисела Вода санира детски игралишта, паркови и урбана опрема

Општина Кисела Вода санира детски игралишта, клупи, лулашки, спортски терени и поставува нови канти на повеќе локации низ општината.

Општина Кисела Вода продолжува со санација и реконструкција на урбаната опрема и опремата во детските катчиња на повеќе локации низ општината, со цел обезбедување поквалитетен и пофункционален јавен простор за граѓаните.

Како што информираат од Општината, активностите се спроведуваат според реалната состојба на терен и мапираните потреби.

Нови кошаркарски обрачи, канти и санација на клупи

Во населбата Расадник, во непосредна близина на градинката, извршена е санација на детското игралиште.

На спортскиот терен кај подрачното училиште „Кузман Јосифовски – Питу“ поставени се нови кошаркарски обрачи со мрежички, нови канти за отпад, а во моментот активно се работи на санација на клупите.

Интервенции и во парковите „Иднина“, „Македонија“ и „Дупки“

Активности за обнова се спроведуваат и во паркот „Иднина“, каде целосно се санирани оштетените клупи и лулашки, а поставени се и нови канти за отпадоци.

Интервенции на урбаната опрема, поправка на клупите и поставување канти се реализирани и кај последната автобуска постојка на линијата 24, во паркот „Македонија“, како и во паркот „Дупки“ во населбата Драчево.

Дополнително, на улица „Пушкинова“ поставени се целосно нови канти за отпадоци, додаваат од Општината.

Трајкоска: Јавниот простор е одговорност на сите нас

Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, изјави дека ваквите интервенции се од исклучителна важност за жителите, бидејќи обезбедуваат безбедни, модерни и функционални катчиња за најмладите, но и уредени места за одмор за повозрасните.

„Вложувањето во јавниот простор е директно вложување во квалитетот на животот. Сепак, за да можеме сите долгорочно да уживаме во овие уредени простори, неопходна е заедничка грижа“, изјави Трајкоска.

Таа упати апел до граѓаните за совесно и одговорно однесување кон јавната опрема, парковите и спортските терени.

„Урбаната опрема, парковите и спортските терени се градат со средства на сите нас и му припаѓаат на секој наш жител. Строго апелирам да не се уништуваат и кршат детските реквизити и клупите, и отпадот да се одложува исклучиво на соодветните места за таа намена“, порача градоначалничката.

Според неа, само со меѓусебна почит и домаќински однос кон јавните површини, општината може да остане чисто, убаво и безбедно место за живеење.

е-Трн да боцка во твојот инбокс