Кирил Ангелов: Пишувањето ми помогна да преживеам

Авторот на „Безсловен“ и „Касиа“ отворено зборува за детските трауми, борбата со канцерот, депресијата и како литературата станала негов пат кон исцелувањето.


По искрената и потресна исповед во „Безсловен“, Кирил Ангелов пред читателите ја носи „Касиа“, роман што спојува историски мистерии, лични трауми и потрага по светлина. Во интервју за ТРН тој зборува за сексуалното злоставување, врсничкото насилство, преживеаниот канцер, моќта на книжевноста и потребата приказните да помогнат некому да не се чувствува сам.

Трн: По една толку лична и болна книга како „Безсловен“, што ве натера да ја напишете „Касиа“?

Кирил: Трилогијата за Исаак од која „Касиа“ е втор дел, е приказна за главниот лик и неговиот свет исполнет со откривање на историски тајни но и откривање на тајните закопани во неговата душа. Трилогијата почнав да ја пишувам во моите средношколски денови, односно откако ми се случи сексуалното злоставување, менталното и физичкото злоупотребување од моите баба и дедо и татко алкохоличар и во период кога поминував низ пеколното врсничко насилство. Исаак тогаш беше едно од моите најголеми прибежишта. И токму поради тоа му дадов некои свои болки и трауми, за да може да ми го олесни товарот, да ги носи заедно со мене.

Без да знам, приказната за Исаак постана мојот прв обид да се излечам преку пишување и делумно откривање на вистината. Тие први обиди за мене станаа откровителни и исконски. Впрочем, ние писателите го правиме токму тоа. Оставаме дел од себеси во нашите дела, грабаме од нашата имагинација, моделираме, исклесуваме, раздаваме овековечуваме само за да оставиме нешто да трае. И ако можеме, да помогнеме на некој кој поминува низ исти или слични мрачни патеки.

Трн: Дали оваа книга е продолжение на вашето лично патување или претставува целосно нов свет?

Кирил: Приказната за Исаак и Касиа е еден нов фиктивен свет која има мали примеси од мојот живот и од моите трауматични искуства. Исто како мене, така и главниот лик бил сексуално злоставуван како дете. Се бори со сопствените демони додека се бори и со времето кое полека отчукува и се заканува дека ќе му уништи сѐ, ако не пронајде тоа што треба да пронајде. Имав потреба да создадам една нова приказна со мои лични искуства која ќе раскаже малку подзаборавени тајни од Охрид, Оксфорд, Каиро, Солун, Ерусалим.

Трн: Ако треба со една реченица да ги поканите читателите да влезат во светот на „Касиа“, што би им рекле?

Кирил: Зачекорете во еден кршлив свет исполнет со возбуда и трагедија за да дознаете дали секое закопано богатство вреди да биде откопано и дали секоја сокриена душевна тајна треба да биде откриена.

Трн: Дали литературата за вас е начин да се избега од реалноста или подобро да се разбере?

Кирил: Со сигурност и двете. Бегаме во светот на зборовите и приказните кои сакаме да ги откриеме и во кои сакаме да се пронајдеме. Љубопитно ѕиркаме во оние крцкави и нови мразулци на надежта за да можеме поубаво да го разбереме светот и тешката реалност во која сме втурнати, во која живееме. Да се разладиме од пеколот на реалноста.

Секој еден човек треба да е емпатичен и сочувствителен за да може искрено да создаде нераскинливи нишки со луѓето наоколу кои ќе одекнат во вечноста, бидејќи нели љубовта, добрината и пријателството се бесмртни. Има случаи и каде читателите (а тоа сме сите ние) стануваат уште поемпатични откако ќе зачекорат во светот на книгите. Па така го разбираме животот подобро. Книжевноста во исто време прави да бегаме од реалноста, но и да ја гледаме онаква каква што е.

Трн: Ако „Безсловен“ беше книга за преживување, книга за што е „Касиа“?

Кирил: Трилогијата за Исаак, односно вториот дел „Касиа“ е книга за тоа како конечно можеме да ја допреме светлината преку падовите, љубовта, злото и неочекуваните авантури во нашиот живот. Книга за саможртвата, за љубовта, пријателството; книга за тоа како можат тајни од пред векови и векови да одекнат во сегашноста а со тоа да разбрануваат, уништат, променат и подобрат многу животи и иднини. Тоа е едноставно трилогијата на животот и љубовта.

Трн: Дали верувате дека „Касиа“ ќе биде вашето најлично дело досега — иако не е автобиографија?

Кирил: Иако „Касиа“ има мал процент позајмени искуства од мојот живот, сепак „Безсловен“ останува моето најлично дело во кое оставив многу од себе. Така ќе биде и со продолжението на „Безсловен“ (кое треба да излезе следна година) и во кое раскажувам што се случува со животот после прифаќањето на траумите и после преживувањето на канцерот и инфарктот предизвикан од хемотерапијата. Откривам како се изнедрува депресијата, анксиозноста, самосаботажата, темните мисли кои те туркаат надоле и прават да веруваш дека единствениот излез е да посегнеш по сопствениот живот: а тоа е многу страшно, непознато, ладно, темно. И треба да се раскаже, за да се помогне. Тука се и дополнителните физички борби, предизвици и тајни кои не бев подготвен да ги напишам претходно.

Со продолжението на „Безсловен“ мојата цел останува иста. А тоа е желбата да се помогне на некое дете (или личност која била злоупотребена како дете или поминува низ истите болки, трауми, несигурности), да си го признае тоа, да го воочи како нешто негативно и да почне да работи на своите трауми. Решив да напишам продолжение и поради тоа што самото исцелување од траумите не е линеарно. Постојат нешта кои јас не сакав тогаш да си ги признаам, нешта на кои не бев подготвен да работам, нешта кои ми беше страв да ги погледнам во очи, а последователно на тоа и да се излечам од нив.

Трн: Дали македонските писатели денес имаат доволно простор и поддршка за да стигнат до поширока публика?

Кирил: Ме радува фактот што во Македонија се читаат македонски автори сѐ почесто и почесто. Со тоа неминовно доаѓа и поддршката од издавачките куќи, читателите, книжевните групи, од пошироката јавност.

На авторите им се дава шанса да ги раскажат приказните, да го покажат својот талент а воедно и да ја збогатат македонската книжевност. Но, верувам дека може и треба да се направи повеќе за уште поцврсто да се зацврсти македонскиот книжевен свет како тука така и надвор.  

Трн: Има ли автори од поновата македонска генерација чие творештво особено го следите?

Кирил: Има многу, ако не и скоро сите кои ги среќавам и за кои можам да одвојам време. Секогаш велам дека ние авторите сме биле првично читатели, а со тоа доаѓа и нашата поддршка кон другите македонски автори, кон другите колеги.

Трн: Дали инспирацијата повеќе ја наоѓате во литературата, во животот или во луѓето што ги среќавате?

Кирил: Зависи од периодот. Понекогаш ја наоѓам во личности кои ги среќавам во автобус, на улица, во некој ресторан, на неочекувани места. Ме фасцинираат нивните лица, движења, погледи, насмевки и со тоа создавам приказни за фиктивни ликови базирани врз луѓето кои оставиле длабок траг во мене.

Се инспирирам и од животот, од одредени книжевни дела, филмови, серии, но најчесто од моите мисли додека сонувам со отворени очи во природа и со некоја добра инструментална компилација. А таа, инспирацијата, понекогаш доаѓа и тивко, неочекувано, кога најмалку се надеваш дека ќе дојде.

Трн: Социјалните мрежи ја доближуваат или ја оддалечуваат литературата од читателите и дали книжевноста и понатаму може да менува општества или нејзината улога денес е поинаква?

Кирил: Верувам дека социјалните мрежи ја доближуваат литературата уште повеќе. И тоа не само преку издавачките куќи но и преку многуте книжевни групи кои ни се најголеми поддржувачи. Лесниот пристап до информации, промоции, осврти, рецензии прави да допре делото до повеќе луѓе и да си го најде местото кај читателите.

Да, книжевноста менува општества но не до оној степен како во минатото. Ако нејзиното влијание најчесто се гледало низ политичките и општествените промени низ историјата, денес нејзината улога е многу повеќе емпатична, лична, контроверзна, смела. Но, и на тој начин, знае многу да влијае ако не на цело општество, барем на големи групи во општеството.

Трн: Ако можевте да седнете на разговор со еден писател од минатото и еден современ автор, кои би биле тие и што би ги прашале?

Кирил:Тешко прашање, навистина. Од минатото би го одбрал поетот William Wordsworth и би го прашал како да ја љубиме природата како што и тој ја љубел, а со тоа да станеме подобри луѓе. А од современиците би ги одбрал Abraham Verghese и Евгениј Водолазкин и би ги прашал за сировата суптилност со која го опишуваат христијанството, која впрочем прераснува во моќен двигател на нивните приказни. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс