Кипар најави дека ќе воведе минимална старосна граница од 15 години за отворање нови и за задржување постојни профили на социјалните мрежи, како дел од мерките за заштита на децата на интернет. Одлуката ја соопшти кипарскиот претседател Никос Христодулидис, кој порача дека владата сака да постави поцврсти правила за користењето на дигиталните платформи од страна на малолетници.
Според најавата, Кипар подоцна оваа година планира да воведе технологија за проверка на возраст преку државната мобилна апликација „Digital Citizen“. Тоа значи дека пристапот до социјалните мрежи за помладите корисници би требало да се контролира преку официјална дигитална идентификација, наместо само преку внесување датум на раѓање при регистрација.
Овој потег доаѓа во момент кога Европската унија веќе ја заврши техничката подготовка на својата апликација за проверка на возраст, која треба наскоро да им биде достапна на граѓаните. Европската комисија објаснува дека алатката е замислена како начин корисниците да докажат дека се доволно возрасни за пристап до услуги со старосни ограничувања, без да откриваат повеќе лични податоци отколку што е потребно.
Кипар со ова се приклучува на поширок европски тренд. Reuters објави дека најмалку десетина европски држави, вклучително и некои што не се членки на ЕУ, веќе воведуваат или подготвуваат ограничувања за користење социјални мрежи за деца и тинејџери, најчесто во распон од 13 до 16 години. Во Европскиот парламент, пак, минатата година беше поддржана резолуција што бара минимална возраст од 16 години, но засега нема единствено обврзувачко правило на ниво на цела ЕУ.
Слични мерки веќе се следат и надвор од Европа. Австралија, на пример, во декември 2025 стана првата земја што почна да спроведува национална забрана за социјални мрежи за лица помлади од 16 години, а подоцна на листата беше додадена и платформата Twitch.