Кинескиот GLM 5.2 влегува во трката со GPT-5.5 и Claude

Моделот на компанијата Z.ai е со отворен код, обработува до милион токени и е дизајниран за сложени програмерски задачи.

Кина доби нов силен играч во глобалната трка за вештачка интелигенција. Компанијата Z.ai го претстави својот нов модел GLM 5.2, за кој тврди дека по перформанси речиси се изедначува со најнапредните американски системи, како Claude Opus 4.8 на Anthropic и GPT-5.5 на OpenAI.

Моделот беше објавен само еден ден по американската забрана за извоз на дел од моделите на Anthropic надвор од САД, која подоцна беше укината на 30 јуни.

Што го издвојува GLM 5.2?

Според Z.ai, GLM 5.2 располага со контекстуален прозорец од еден милион токени, што му овозможува истовремено да обработува околу 750.000 зборови. Тоа значително ги подобрува неговите способности при долги разговори, анализа на големи документи и сложени програмерски задачи.

Моделот е специјално оптимизиран за долготрајно програмирање и може да одржува висок квалитет на работа и кај комплексни инженерски проекти што траат со часови или денови.

Резултати од тестирањата

Според компанијата, GLM 5.2 бил оценуван на три различни тестови за сложено програмирање: Кај долготрајни технички проекти заостанува само околу 1 процент зад Claude Opus 4.8, а ги надминува GPT-5.5 и Claude Opus 4.7. На тест за подобрување на помали модели со користење само еден графички процесор (GPU), го надминува GPT-5.5 и Opus 4.7 и е веднаш зад Opus 4.8. Кај најсложените инженерски задачи, како изградба на компајлери, заостанува околу 13 проценти зад Opus 4.8, но повторно е втор најдобро рангиран модел.

Компанијата наведува дека GLM 5.2 во моментов е најдобриот модел со отворен код во оваа категорија.

Отворен код без регионални ограничувања

За разлика од GPT-5.5 на OpenAI и Claude на Anthropic, кои се модели со затворен код, GLM 5.2 е open source. Тоа значи дека програмерите можат слободно да го модифицираат, прилагодуваат и користат без регионални ограничувања. Овој пристап е дел од кинеската стратегија за развој на поевтини и подостапни модели на вештачка интелигенција.

Објавувањето на GLM 5.2 доаѓа во период кога САД и Кина сè поинтензивно се натпреваруваат за лидерство во развојот на вештачката интелигенција. Вашингтон настојува да ја задржи предноста преку ограничување на извозот на напредни полупроводници и одредени ВИ технологии, додека Кина инвестира во развој на модели со отворен код и пониски трошоци.

Потсетување, кинеската компанија DeepSeek минатата година привлече големо внимание со моделот R1, кој понуди високи перформанси со значително пониска цена и потрошувачка на ресурси, дополнително засилувајќи ја глобалната конкуренција во областа на вештачката интелигенција.

е-Трн да боцка во твојот инбокс