Кина го обвини американскиот државен секретар Марко Рубио за клевета, откако тој им оддаде почит на жртвите од репресијата на плоштадот Тјенанмен во 1989 година и ја осуди цензурата околу овој настан.
На 4 јуни 1989 година, кинеските власти испратија војска за да ги растераат демонстрантите од плоштадот Тјенанмен во Пекинг. Со тоа беше ставен крај на повеќенеделните протести против корупцијата и за политички реформи.
Во репресијата загинаа стотици луѓе, а според дел од проценките и повеќе од илјада. Темата и понатаму е табу во Кина.
„Никаква цензура не може да го избрише минатото“, порача Рубио во изјава упатена до кинескиот народ.
Тој додаде дека оние кои се жртвувале за да ги одбранат своите права на слобода на изразување и мирно собирање, еден ден ќе добијат правда.
Пекинг остро реагираше на неговите зборови. Портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг, изјави дека американската страна ги „искривува историските факти“ и се меша во внатрешните работи на Кина.
„Погрешните изјави на американската страна ги искривуваат историските факти, го оцрнуваат политичкиот систем и развојниот пат на Кина и се мешаат во нејзините внатрешни работи. Кина изразува силно незадоволство и остро противење“, изјави Мао.
Таа ја повика американската страна да ги почитува Кина и кинескиот народ, да престане со „идеолошки судири“ и да не се меша во внатрешните работи на земјата под изговор на демократија и човекови права.
Кинеската влада во тоа време протестите на Тјенанмен официјално ги означи како „контрареволуционерна побуна“ организирана од „мала група луѓе со скриени намери“.
Точниот број на загинати никогаш не е официјално утврден. Два дена по настаните, кинеските власти соопштија дека имало „речиси 300 загинати“, вклучително и војници. Кинескиот Црвен крст тогаш споменуваше 2.700 жртви, додека најчесто прифатените проценки, базирани на болнички податоци, се движат од 400 до повеќе од илјада загинати.