Ким го покажа тајниот нуклеарен погон: Северна Кореја најави експлозивно зголемување на атомскиот арсенал

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун посети нов погон за збогатување ураниум и нареди „експоненцијално“ зголемување на нуклеарниот арсенал. Пјонгјанг порача дека статусот на нуклеарна сила не е предмет на преговори.

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун повика на „експоненцијално“ проширување на нуклеарниот арсенал на земјата за време на посетата на нова фабрика за производство на нуклеарен материјал, објави државната новинска агенција KCNA. Според извештајот, Ким бил информиран дека производствениот капацитет за нуклеарен материјал наменет за оружје во последните пет години е повеќе од двојно зголемен. Тој им наредил на надлежните дополнително да го зголемат производството со цел исполнување на долгорочните стратешки цели на државата.

За време на посетата биле претставени нови производствени процеси базирани на понапредна технологија, како и идните планови за развој на нуклеарната програма.

Снимки од таен погон

Фотографиите објавени од државните медиуми го прикажуваат Ким како се движи меѓу редови цилиндрична опрема во објект за кој аналитичарите претпоставуваат дека се наоѓа во нуклеарниот комплекс Јонгбјон, главниот центар на севернокорејската нуклеарна програма. Ким изјавил дека проширувањето на нуклеарните капацитети е неопходно поради влошената безбедносна состојба и долготрајната конфронтација со, како што рече, „најжестоките непријатели“.

„Ова е историски настан кој претставува пресвртница во забрзаното унапредување на нашите нуклеарни способности“, изјавил севернокорејскиот лидер.

Откриен погон за збогатување ураниум

Претставник на Здружениот штаб на вооружените сили на Јужна Кореја изјави дека објектот што Северна Кореја го прикажала е постројка за збогатување ураниум. Според аналитичарите, потегот има и дипломатска димензија. Тие сметаат дека Пјонгјанг се обидува да ја зајакне својата позиција пред евентуални идни преговори со САД, истовремено оправдувајќи го забрзаното развивање на нуклеарната програма.

Експертот Јанг Му-џин оценува дека Пјонгјанг намерно ги демонстрира своите нуклеарни капацитети за да испрати порака дека денуклеаризацијата повеќе не е тема за преговори со Вашингтон.

Нуклеарна сила што не отстапува

Северна Кореја се повлече од Договорот за неширење на нуклеарното оружје во 1993 година и оттогаш спроведе шест нуклеарни тестирања и десетици лансирања на балистички ракети. Поради својата нуклеарна програма, земјата е под строги меѓународни санкции. Во 2022 година Пјонгјанг официјално прогласи дека неговиот статус на нуклеарна сила е „неповратен“.

Според проценките на експертите, Северна Кореја располага со неколку десетици нуклеарни боеви глави, кои режимот ги смета за гаранција против евентуална странска интервенција или обид за соборување на власта. Само во текот на оваа година, Северна Кореја спроведе осум ракетни тестирања, што аналитичарите го толкуваат како обид дополнително да го зацврсти својот статус на нуклеарна сила во период на растечки глобални тензии.

е-Трн да боцка во твојот инбокс