Украинските власти прогласија воздушна тревога во главниот град Киев рано утринава, поради зголемена опасност од воздушни напади, повикувајќи ги граѓаните веднаш да побараат засолниште. Паралелно со тоа, вториот по големина град во Украина, Харков, беше цел на напад со дронови и две ракети, соопшти градоначалникот Игор Терехов преку Телеграм. Според првичните информации, во нападите е повредено едно лице, но детали засега не се објавени.
До активирањето на тревогата дојде во период на засилени тензии и предупредувања за можност од нова ескалација на руската офанзива, откако украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно предупреди на зголемена воена активност. Властите апелираат граѓаните да останат во засолништа додека трае опасноста.