Грчките власти во последните години ги заострија правилата и контролите, особено во туристичките региони каде во лето сообраќајот е густ, нервозата поголема, а прекршоците почести. Тасос, Халкидики, Лефкада, Крит и другите популарни дестинации не се места каде што се исплатува да се вози „само уште малку побрзо“ или да се паркира „на пет минути“.
Црвено светло, полна линија и високи казни
Еден од најсериозните прекршоци е минување на црвено светло. Казната може да достигне 700 евра, а покрај паричната казна следува и одземање на возачката дозвола. Слично се третираат и опасните престигнувања, особено кога се минува преку полна линија или се загрозува безбедноста на другите учесници во сообраќајот.
Високи казни се предвидени и за пребрзо возење. Доколку возачот ја надмине дозволената брзина за повеќе од 50 километри на час, казната може да достигне 700 евра, со привремено одземање на дозволата.
Нема повеќе „попуст“ за брзо плаќање
Една од најчестите заблуди меѓу туристите е дека казната во Грција може да се плати со 50 проценти попуст доколку се плати веднаш или во краток рок. Тоа правило повеќе не важи.
Казната што ќе ја добиете на прекршочниот налог е сумата што треба да ја платите. Нема договарање на лице место, ниту плаќање во готовина на полицаец. Казните се плаќаат преку надлежни институции, пошта или банка, во зависност од местото каде е направен прекршокот.
Ова е особено важно за туристите кои ќе бидат казнети во петок попладне или за време на викенд, кога институциите не работат. Во таков случај, постапката може да се одложи до понеделник, што практично значи изгубени денови од одморот.
Паркирањето може да заврши со извадени таблички
Непрописното паркирање е една од најчестите грешки што туристите ја прават во грчките места. Казната може да биде финансиски поднослива во споредба со другите прекршоци, но вистинскиот проблем е можноста полицијата да ги отстрани регистарските таблички.
Доколку автомобилот остане без таблички, враќањето може да биде комплицирано и да трае повеќе денови. За туристите тоа значи дека автомобилот не може нормално да се користи, а враќањето дома може да стане вистински проблем.
Затоа, особено околу плажите, пристаништата, пазарите и централните улици, најбезбедно е да се паркира само на означени места, дури и ако тоа значи неколку минути повеќе пешачење.
Телефон, појас и влечки зад волан
Грчките правила се строги и за користење мобилен телефон при возење. Разговор без hands-free уред може да донесе висока казна и привремено одземање на дозволата. Казни се предвидени и за неносење сигурносен појас, како за возачот, така и за патниците.
Посебно внимание треба да се обрне и на обувките. Возењето со влечки или обувки што лесно се лизгаат не е безбедно, а полицијата може да го третира како ризик доколку процени дека возачот нема целосна контрола врз возилото. Најсигурно е зад волан да се носат затворени или стабилни обувки, а влечките да останат за плажа.
Грција не простува летна невнимателност
Грчките патишта, особено во летната сезона, се полни со туристи, автобуси, мотоцикли, пешаци и локални возачи кои добро ги знаат тесните улици и брзите кривини. Затоа, навиките што можеби поминуваат дома, таму може скапо да чинат.
Кога ќе ја поминете границата, најпаметно е да возите поспоро, да ги следите знаците, да избегнувате ризични претекнувања и да не се потпирате на претпоставката дека „на туристите им прогледуваат низ прсти“.
Една секунда невнимание може да значи казна од неколку стотици евра, одземена дозвола, извадени таблички и одмор што наместо со плажа, ќе почне со банка, пошта и сообраќајна полиција.