Познатата катедрала во Келн од јули ќе почне да наплаќа влез за туристите, а цената на билетот ќе изнесува 12 евра, соопшти управата на една од најпознатите знаменитости во Германија.
Средствата од новата наплата ќе бидат наменети за одржување на катедралата, готски објект со две кули, чија изградба започнала во 13 век.
Влезот во катедралата досега беше бесплатен, додека посетителите кои сакаа да се искачат на една од кулите плаќаа билет од 8 евра.
Според управата, лицата кои доаѓаат за молитва и ќе влегуваат преку северниот влез нема да плаќаат влезница.
Келнската катедрала, сместена во центарот на градот, веднаш до реката Рајна и главната железничка станица, е една од најпосетуваните туристички атракции во Германија. Годишно ја посетуваат околу шест милиони луѓе.