Кореографската верзија на Кан Арслан внесе свежина во познатото дело, каде што совршено беше избалансирана комбинацијата на танцовите движења и моќната музичка партитура. Посебен момент од вечерта беше изведбата на „О Фортуна“, кога балетските уметници, во впечатливи костими, со своите енергични и прецизни движења ја воодушевија публиката.
Хорот на Националната опера и балет, заедно со солистите на операта, Надe Талевска- сопран, Благој Нацоски – баритон и Денис Димоски – контра-тенор, беа клучниот елемент на оваа изведба. Нивната вокална моќ и емоционална длабочина ги донесоа на сцена темите на „Кармина Бурана“ – судбината, љубовта и желбата. Хорот успеа да ја задржи динамиката на изведбата, создавајќи силен звучен ѕид кој постојано се усогласуваше со оркестарот и балетот на сцена. Нивната изведба беше врвот на вечерта, а публиката ги награди со долготраен аплауз.
Диригентот Иван Еминовиќ со извонредна прецизност го водеше оркестарот низ комплексната партитура на Орф, вешто истакнувајќи ги контрастите помеѓу нежните и експлозивните делови. Оркестарот брилијантно ја изведе секоја партитура, овозможувајќи ѝ на публиката целосно да го почувствува емоционалниот распон на ова големо дело.
Сè на сè, „Кармина Бурана“ во изведба на Националната опера и балет, беше извонреден уметнички подвиг. Спојот на визуелниот, музичкиот и кореографскиот израз создаде претстава што ја маѓепса публиката и докажа зошто оваа институција останува еден од водечките столбови на културниот живот во Македонија.