Главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд, Карим Кан, е суспендиран од функцијата поради обвинувања за сексуално недолично однесување, објавија меѓународните медиуми.
Одлуката ја донело надзорното тело на судот со седиште во Хаг, а случајот ќе биде разгледуван на специјална седница на земјите членки на Меѓународниот кривичен суд. Тие треба да одлучат дали Кан ќе остане на функцијата или ќе биде разрешен.
Според соопштенијата, суспензијата следи по извештај од истрага спроведена од службата за внатрешен надзор на Обединетите нации, како и по дополнителни правни мислења и докази разгледувани од надлежните тела на судот.
Обвинувањата против Кан се појавија во 2024 година, кога негова блиска соработничка го пријавила за сексуално вознемирување и недолично однесување. Кан ги отфрла сите обвинувања и тврди дека постапката против него е неправедна и неоснована.
Кан веќе се повлече од извршување на дел од должностите во мај 2025 година, додека траеше истрагата. Суспензијата, според меѓународните медиуми, е прв ваков случај за главен обвинител на Меѓународниот кривичен суд.
Карим Кан е главен обвинител на судот од 2021 година. За време на неговиот мандат, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на рускиот претседател Владимир Путин и на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, што предизвика силни меѓународни реакции.
Случајот доаѓа во период на зголемен притисок врз судот, особено поради постапките поврзани со војната во Газа и налозите против израелски функционери. САД, кои не се членка на судот, воведоа санкции против дел од персоналот и судиите на Меѓународниот кривичен суд.
Основачкиот договор на судот досега го имаат прифатено 125 држави, меѓу кои и сите членки на Европската Унија. САД, Русија и Израел не се дел од оваа институција.
Конечната одлука за иднината на Кан ќе ја донесат земјите членки на специјална седница. До тогаш, случајот останува еден од најсериозните институционални предизвици за Меѓународниот кривичен суд.