Појавата на хантавирус на холандскиот крузер „MV Hondius“, на кој досега починаа три лица, предизвика спор меѓу шпанската влада и локалните власти на Канарските Острови околу тоа дали бродот треба да добие дозвола за пристанување. На крузерот има околу 150 патници и членови на екипажот од 23 земји.
Претседателот на Канарските Острови, Фернандо Клавихо, се спротивстави на планот на шпанската влада да дозволи пристанување на бродот, оценувајќи дека локалните власти не добиле доволно информации за да ја гарантираат безбедноста на населението и да ја одржат пораката на смиреност. Тој побара итен состанок со шпанскиот премиер Педро Санчез.
Епидемијата избила откако крузерот на 1 април испловил од аргентинското пристаниште Ушуаја. Хантавирусот најчесто се шири преку заразени глодари, но Светската здравствена организација соопшти дека во овој случај се разгледува можноста вирусот да се пренел и меѓу лица кои биле во многу близок контакт. СЗО, сепак, нагласува дека ризикот за пошироката јавност е низок.
Шпанското Министерство за здравство претходно соопшти дека постапува според моралните и законските обврски, како и според барањето на СЗО да се обезбеди медицинска нега. Според Мадрид, Канарските Острови се најблиската локација со потребните медицински капацитети, откако бродот бил усидрен кај Зеленортските Острови.
Во меѓувреме, холандската влада евакуираше тројца патници од крузерот. Двајца од нив имале акутни симптоми и биле префрлени во соодветни медицински центри во Холандија, додека третата патничка, која била во близок контакт со лице починато на бродот, е ставена во изолација.
Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, изјави дека организацијата продолжува да соработува со операторот на бродот и со надлежните власти на Зеленортските Острови, Обединетото Кралство, Шпанија и Холандија за следење на здравствената состојба на патниците и екипажот. Во Швајцарија, пак, е хоспитализиран уште еден маж кој се заразил за време на патувањето со истиот крузер, но локалните власти исто така оценуваат дека ризикот за населението е низок.