Канада воведува контрацарини на американска стока вредна околу 20 милијарди долари, со што дополнително ескалира трговскиот конфликт со САД.
Новите мерки опфаќаат челик, алуминиум, млечни производи, апарати за домаќинство, земјоделска опрема, морска храна, сирење, облека, козметика и други производи. За дел од нив царините ќе достигнат 50 проценти.
Канадските мерки следуваат откако администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп воведе царини од 50 проценти за канадска стока, по неуспехот на трговските преговори.
Канадскиот премиер Марк Карни го обвини Вашингтон дека се обидува да ја потчини Канада и да ги ослаби нејзините клучни индустрии.
Трамп, пак, денеска им порача на канадските власти да попуштат или да се соочат со „многу полоши“ последици, најавувајќи можни нови царини од 50 проценти за канадски автомобили, автоделови и челик.
Канадските контрацарини треба да стапат во сила на 8 септември, со стапки од 15, 25 и 50 проценти. Мерките опфаќаат повеќе од 700 американски производи, а најголемиот дел од новите давачки се однесуваат на челик и алуминиум.
Канада најави и пакет од 7,5 милијарди канадски долари за поддршка на работниците и компаниите погодени од трговскиот спор.
Двете земји имаат тесно поврзани синџири на снабдување, особено во автомобилската индустрија, енергетиката, земјоделството и производството. Продолжувањето на трговската војна би можело да ги зголеми трошоците и цените за компаниите и потрошувачите од двете страни на границата.