Канада ја претстави новата банкнота од 20 канадски долари со ликот на кралот Чарлс Трети, што претставува прва промена на монархот на канадските пари по повеќе од седум децении. Централната банка на Канада го презентираше решението на свечен настан во Отава, потврдувајќи дека новите пари ќе влезат во оптек на почетокот на следната година.
Новата банкнота од 20 долари го задржува препознатливиот вертикален формат што централната банка веќе го воведе кај банкнотата од 10 долари со активистката Виола Дезмонд. Гувернерот на Банката на Канада, Тиф Маклем, го оцени претставувањето како посебен ден за монетарната историја на земјата.
На задната страна се наоѓа мотив на канадскиот национален меморијал Вими Риџ во Франција. Овој споменик ја одбележува улогата и жртвите на канадските војници во Првата светска војна. Самиот портрет на монархот е опкружен со цветни и растителни елементи, што според централната банка претставува посвета на неговиот интерес за заштита на животната средина. Дел од визуелните решенија се усогласени по консултации со советодавно тело составено од претставници на автохтоните заедници во Канада.
Канада стана првата држава од Комонвелтот надвор од Обединетото Кралство што го става кралот на своите банкноти откако Чарлс стапи на престолот. Другите членки имаат поинаков пристап.
Австралија и Нов Зеланд веќе го користат ликот на кралот Чарлс Трети на металните монети, но официјална Канбера одби да го стави монархот на хартиените пари. Австралиските власти одлучија да ја преуредат банкнотата од пет долари со мотиви посветени на историјата и културата на домородното население, исфрлајќи го кралското семејство од таа деноминација по смртта на кралицата Елизабета Втора.
Иако анкетите во Канада редовно покажуваат желба на граѓаните за прекин на формалните врски со британската круна, особено во франкофонскиот Квебек, расположенито бележи промени. Поддршката за монархијата покажува благ раст поради политичките и трговските притисоци од Соединетите Американски Држави.
Затегнатите трговски односи и претходните провокативни изјави од Вашингтон за потенцијално припојување на канадска територија ги натераа властите во Отава да ја користат круната како симбол на сопствената независност. Премиерот Марк Карни претходно го покани британскиот суверен да ја отвори парламентарната сесија, порачувајќи дека таа институционална врска јасно го нагласува суверенитетот на канадската држава.