Европската Унија треба да го забрза процесот на вооружување за да ја постигне целта што ја постави за 2030 година, изјави во понеделник високата претставничка за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас.
„Европа мора да се вооружи побрзо и поефикасно за да ја постигне целта за 2030 година“, изјави Калас на прес-конференција по состанокот на министрите за одбрана на ЕУ. Европската унија усвои план за подготвеност за одбрана за 2030 година, кој предвидува забрзување на инвестициите во одбраната во сите земји-членки и затворање на празнините во одбранбените капацитети.
Планот вклучува четири водечки иницијативи: Европската иницијатива за одбрана од беспилотни летала; зајакнување на надзорот на источните граници; Европскиот небесен штит и Европскиот вселенски штит. „На Европа ѝ е потребна решителна промена во обемот и темпото на инвестиции во одбраната, развојот на капацитетите, иновациите и индустриските капацитети“, рече Калас.
Една од темите на министерскиот состанок беше понатамошната воена помош за Украина. Калас ги повика земјите-членки кои имаат системи за воздушна и ракетна одбрана „Патриот“ во своите залихи да ги достават на Украина, на која итно ѝ се потребни сега, а тие би можеле да ги надополнат своите залихи подоцна.
„Производството на „Патриот“ бара време, а на Украина им се потребни овие системи сега. Една опција е земјите-членки и партнерите да испорачаат ракети од сопствените залихи во Украина во замена за подоцнежна испорака што ќе се финансира со заем за поддршка на Украина“, рече Калас.
Минатата недела земјите-членки деблокираа 6,6 милијарди евра од Европскиот мировен фонд за Украина по повеќе од три години. Средствата беа блокирани поради вето од поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан.
Европскиот мировен фонд првично беше користен за компензација на земјите-членки што испорачуваа оружје на Украина од сопствените залихи. Од 6,6 милијарди евра, 4,7 милијарди евра ќе бидат искористени за оваа намена.
Некои земји-членки веќе ја објавија својата намера да го платат својот дел на Украина. Од 6,6 милијарди, една милијарда е наменета за заедничко набавување оружје за Украина, а преостанатите 900 милиони за Мисијата на ЕУ за обука на украинската армија.