Search

„Како е? Викај ура“ – 23 години „Синедејс“, фестивал на европски филм

Скопје, градот кој пулсира помеѓу незадоволството и желбата за културен прогрес, ова лето ќе биде сведок на 23. издание на СИНЕДЕЈС – Меѓународниот фестивал на европски филм, кој свечено се отвора денес. Организиран од Младинскиот културен центар, овој фестивал веќе две децении се стреми да го отслика нашето културно наследство и да ги донесе европските филмски проблесоци во нашето секојдневие. Со секоја проекција и секоја дискусија, СИНЕДЕЈС го поставува Скопје на глобалната културна мапа, покажувајќи ја нашата уникатност и потребата за културно изразување во овој несовршен свет.

Во рамките на 23. Меѓународен фестивал на европски филм „Синедејс“, публиката ќе има можност да ужива во богатата програма која вклучува светски и македонски филмови и копродукции. Овие филмови ќе бидат претставени во Гала програмата, Официјалната селекција, SEE програмата, и МК Shorts (кратки филмови). Љубителите на филмот ќе можат да уживаат и во Ретроспективата на филмови посветена на легендарниот југословенски режисер Вељко Булајиќ, како и кратки филмови од култниот европски автор Вим Вендерс. Во Гала програмата, „Синедејс“ ги носи најновите филмски остварувања директно од Канскиот фестивал кој се одржа во мај годинава, вклучувајќи дела од Давид Кроненберг, Вуди Ален, Мохамед Расулоф и Роман Полански.

Фестивалот неколку години е член на ФИАПФ, со кое членство МКЦ успеа да фати тек со останатите филмски фестивали во однос на организација и процедури. ФИАПФ дополнително значи признание дека МКЦ е  на вистинскиот пат со фестивалот и дека припаѓа на светската мапа на филмски фестивали. Како знак за своевиден квалитет, секако дека ФИАПФ помага во однос на поканите околу гостите и филмската програма бидејќи дава значење на фестивалот.

„Се трудиме да го одржиме фестивалот со програма и гости на високо ниво. Единствениот проблем е она што, за да растеш, ти треба домашна поддршка. Ние целиме вон нашите национални рамки, така што и секој залак помалку, за нас значи и мал пораз. Оваа година, работите не се во целосна кондиција, токму поради драстичното намалување на буџетот, но успеавме повторно да донесеме атрактивна програма и гости. Сме виделе и далеку поубави времиња, кога имавме и надеж. Сега, се е сведено, ни се чини и генерално во државата, во модус на преживување.  Но не се жалиме, тука сме да работиме и да туркаме напред, по секоја цена. Ќе имаме прекрасна Гала програма, прекрасни долгометражни и кратки филмови, прекрасни гости кои се љубопитни и желни да го доживеат фестивалот, така што ќе се потрудиме како и секогаш да оставиме импресивен впечаток“, истакна Маргарита Арсова, програмски координатор на СИНЕДЕЈС

Со премиера на документарецот „Ефтеркланг: Македониум бенд” (Efterklang: The Makedonium Band) во режија на Андреас Јонсен на 11 јули ќе се отвори 23. Меѓународен фестивал на европски филм „Синедејс“, кој годинава до 17 јули ќе прикаже околу четириесетина филмски наслови во неколку програми. Фестивалот, под слоганот „Како е? Викај ура“, ќе се одвива во паркот зад Младинскиот културен центар, киното Фросина и летното кино на Кинотеката на Македонија.

Музичкиот документарец „Ефтеркланг: Македониум бенд”, во продукција на Младинскиот културен центар, Rosforth и Rumraket, претставува музичко патешествие на данската група „Ефтеркланг“ во потрага по македонски музичари, со цел составување на голем ансамбл и нивен заеднички перформанс пред споменикот „Македониум”, во чест на симболот на архитектонскиот споменик за слобода и независност.

„Филмот ја заокружува истражувачката потрага на овој дански состав на прекрасен, непосреден и шармантен начин, преку патувачка турнеја низ Македонија. Во тој процес на регрутација на членови за новиот мета состав наречен ‘Ефтеркланг: Македониум бенд’, нивен водич и локална инспирација е уредникот на музичка програма во МКЦ, Владица Младеновски- Грга, кој е посредник во целата авантура” велат од МКЦ.

Инаку, светска премиера „Eфтеркланг: Македониум бенд” имаше во март 2024 на фестивалот „CPH“ во Копенхаген, Данска. Филмот на фестивалот имаше две проекции, по што следеа и два настапи на музичкиот состав чиј наслов го носи и самиот филм.

Оваа година за прв пат во фокус се кратките остварувања на големиот европски режисер Вим Вендерс кои прикажуваат нов талент, кој веќе е исполнет со теми и расположенија што би одекнувале низ кариерата. Фасцинација од американската култура, сеприсутноста на поп музиката и окото за незадоволството од современиот живот во повоена Западна Германија: тука е Вендерс на неговите почетоци.

Во Гала програмата, „Синедејс“, директно од Канскиот фестивал, што се одржа во мај годинава, ги носи филмските остварувања на Давид Кроненберг, Вуди Ален, Мохамед Расулоф, Роман Полански.

Фестивалската публика притоа ќе може да ги проследи: хорор-трилерот со Деми Мур „The substance“ на Корали Фержо, добитник на награда за најдобро сценарио во Кан, драмата „The Seed of the Sacred Fig“ на иранскиот режисер Мохамед Расулоф, добитник на специјалната наградата на жирито во Кан и ФИПРЕСЦИ, научно-фантастичниот трилер со Винсент Касел „Тhe Shrouds“ на Давид Кроненберг, прекрасната француско-италијанска комедија со Кјара Мастројани и Кетрин Денев „Marcello Mio“ на Кристоф Оноре, драмата „Caught by the Tides“ на Жанг Жи, анимацијата „The Most Precious of Cargoes“ на Мишел Хазанавициус, црната комедија со Џон Клиз во главната улога. „The Palace“ на Роман Полански, како и „Coup de chanced“ на легендарниот Вуди Ален, за затворање на фестивалот.

„’Синедејс’ е единствениот фестивал во Европа кој ја има таа привилегија да ги прикаже овие наслови директно по нивната премиера во Кан“, посочуваат од фестивалот.

И годинава, натпреварувачката програма на „Синедејс“ е селекција на Бернд Будер. Во Официјалната селекција, во која меѓународното жири во состав Ивица Димитријевиќ, Гентијан Кочи, Мина Ѓукиќ и Клеменс Клопф ќе избира меѓу десет остварувања за наградите „Златна Ѕвезда“ за најдобар филм и најдобра режија. Меѓу селектираните наслови, од филмови кои веќе освоија награди на реномирани европски фестивали, ќе ги видиме: „Balcony Conference“ на Фред Келемен, „Inside“ на Василис Катупис, „On the Edge“ на Анеке Блумаерт, „Safe Place“ на Јурај Леротич, „Woodcutter Story“ на Микко Милархути, „Sister, What Grows Where Land is Sick?“ на Франциска Клепш, „Bread and Salt“ на Дамјан Коцур, „Housekeeping for Beginners“ на Горан Столевски, „Not a Word“ на Хана Вагнер и „White Plastic Sky“ на Георги Кристоф.

Во SEE програмата, пак, ќе бидат прикажани: македонските филмови „Златен дечко“ на Огњен Јаневски и „Лена и Владимир“ на Игор Александров, „Едвард“ на Ненад Чичин-Шаин, хрватските „Црвениот брод“ на Зринко Огреста и „Момчето и косата“ на Матија Вуица, бугарскиот „Божанствениот пат“ на Константин Божанов и романскиот „Глупавиот мрак“ на Хорен Абразелян.

Дел од SEE програмата се и филмовите: „Family Ties” на Драган Куваџиќ, „My son’s mother” на Полина Вентсович, „Drawing” на Тео Хекман и „Keying” на Гале Бичик.

„Синедејс“, секако, нема да го пропушти македонскиот дел од филмската програма на овогодинешното издание на фестивалот. Веќе во рамки на SEE програмата ги претставивме двете копродукции: македонскиот „Златен дечко“ на Огњен Јаневски и „Лена и Владимир“ на Игор Александров.

Меѓу кратките филмови во МК Shorts, дел од македонската селекција се и филмовите: „Disappearance” на Стојан Вујичиќ, „Push“ на Тамара Котевска, „Worlds” на Игор Стаменов, „Smiling Lady“ на Иван Ковачевски, „Turnaround” на Бобан Стојменов и „Brave new World” на Антонио Христов.

Поради големиот интерес, во придружната програма, повторно и оваа година ќе се реализира меѓународниот проект Ливинг мјузик (LIVING MUSIC) под водство на професката Дарија Андовска во која студенти или тукушто дипломирани режисери и композитори од Европа работат заедно во резиденцијален проект за време на фестивалот и создаваат филмска музика која потем ќе ја изведат во живо.

Музичката програма на фестивалот под наслов CINEmusic и оваа година носи изненадувања. Свој настап ќе имаат и регионалниот експериментален панк бенд Turbo Trans Turisti, скопскиот инди состав СИЗ како и психоделичното музичко дуо Cyril-Cyril од Швајцарија.

Билетите за фестивалот CINEDAYS ќе бидат по цена од 250 денари на билетарниците на МКЦ и Кинотека како и на линкот за олајн продажба на билети на МКЦ, bileti.mkc.mk.

23 години се одржува фестивалот „Синедејс“, 23 години екипа од МКЦ се труди да го одржи концептот на фестивал кој е значајна и вредна алатка за ширење на европските филмови. Ентузијастички и здружено МКЦ продолжува да негува искрен однос со македонската публика, со голема љубов и почит, покрај сите случувања.

Најново

Последни колумни