Кога силен ветер, бура и обилни врнежи ќе го погодат дворот или градината, штетата може да биде огромна, особено за цвеќињата и чувствителните растенија. Саксиите лесно се превртуваат, гранките се кршат, а корените може сериозно да се оштетат. Сепак, со неколку едноставни чекори можете навреме да ја подготвите градината и значително да го намалите ризикот од оштетувања.
Растенијата во саксии се најранливи при силен ветер и пороен дожд, па најдобро е пред невремето да ги внесете во домот, гаража, ходник или под натстрешница. Ако тоа не е можно, групирајте ги една до друга и поставете ги покрај ѕид или на заштитено место на терасата за да бидат постабилни и помалку изложени на удари од ветер.
Пред бурата важно е да се исчистат и сите предмети што ветерот може да ги разнесе. Исечени гранки, лесни саксии, алат или други предмети можат да ги оштетат листовите и стеблата на растенијата. Затоа, добро е навреме да го средите дворот и да ги обезбедите сите лесни предмети. Органскиот отпад не мора да се фрла, туку може да се искористи за компост.
Скршените и суви гранки исто така претставуваат опасност за време на невреме. Тие лесно може да се откинат и да паднат врз другите растенија, па затоа пред бурата проверете ги дрвјата и грмушките и внимателно отстранете ги оштетените делови. Со тоа ќе го намалите ризикот од дополнителни штети и ќе го зачувате здравјето на растенијата.
Особено внимание треба да им се посвети на високите растенија со тенки стебла кои лесно се кршат при силен ветер. Тие треба да се потпрат со дрвени стапови, метални држачи или решетки и добро да се прицврстат. На тој начин се спречува кршење на стеблата и оштетување на коренот поради постојаното нишање од ветерот. По потреба, може да се постави и заштитна прекривка, но таа мора добро да биде прицврстена за земјата.
Долгорочно решение може да биде и садење жива ограда или густи грмушки кои ќе служат како природен „ветробран“. Освен што ги штитат почувствителните растенија од ветер и дожд, тие се и убав декоративен елемент во дворот.
Најважно е да се реагира навреме. Неколку минути подготовка пред невремето можат да спасат цвеќиња, овошки и украсни растенија и значително да ја намалат штетата во градината.