Научник тврди дека е блиску до одговорот како биле изградени пирамидите

Ново истражување сугерира дека тајната на Големата пирамида во Гиза можеби не била надвор од градбата, туку скриена во нејзината внатрешна структура
All Giza Pyramids

Начинот на кој древните Египќани ја изградиле Големата пирамида во Гиза со векови е едно од најголемите прашања во археологијата. Без модерна механизација и технологија, тие успеале да подигнат монументална градба составена од милиони камени блокови, а научниците сè уште бараат најубедливо објаснување како тоа било возможно.

Ново истражување на Висенте Луис Росељо Роиг, објавено во Nature, сугерира дека одговорот можеби се криел во самата пирамида. Според неговото математичко моделирање, камените блокови не биле носени само преку надворешни рампи, туку преку систем од внатрешни, спирално поставени рампи.

Големата пирамида била изградена околу 2560 година пред нашата ера како гробница на фараонот Куфу. Се проценува дека содржи околу 2,3 милиони камени блокови, од кои секој тежел од 2,5 до 15 тони. За да биде завршена за време на 27-годишното владеење на Куфу, во просек морало да се поставува по еден блок на секои три минути.

Досега една од главните теории беше дека Египќаните користеле големи надворешни рампи. Но, за таков систем би биле потребни огромни количини материјал, а археолозите досега не пронашле јасни докази дека такви рампи навистина постоеле.

Друга теорија претпоставуваше дека во пирамидата имало една внатрешна рампа, која спирално се движела нагоре додека напредувала изградбата. Но, според математичкиот модел на Роиг, изградбата само со една таква рампа би траела речиси половина век.

Неговото објаснување е дека биле користени четири вовлечени рампи, кои истовремено се движеле спирално низ структурата на пирамидата. Секоја од нив започнувала од различна точка во близина на основата, а по завршувањето на главната конструкција, рампите можеле да бидат пополнети.

Компјутерскиот модел покажал дека ваквиот начин на работа би овозможил пирамидата да биде завршена во рок од 27 години, што се совпаѓа со времетраењето на владеењето на Куфу.

Египтологот Роланд Енмарк од Универзитетот во Ливерпул оцени дека ова е многу интересно и уверливо објаснување, но дека ќе бидат потребни дополнителни докази. Според него, особено важни би биле нови скенирања на структурни аномалии во аглите на пирамидата, каде што рампите би требало нагло да го менувале правецот.

Доколку оваа теорија се потврди, таа би можела да помогне не само во разбирањето на Големата пирамида во Гиза, туку и на начинот на кој биле градени други пирамиди во древен Египет.

е-Трн да боцка во твојот инбокс