Тајното македонски лето

Додека мнозинството Македонци го следи истиот пат кон Охрид, постои и една поинаква Македонија – камп-места скриени длабоко во планините, некогашни бањи каде денес наместо гости расте трева и плажи каде никој нема да ви каже дека времето за капење е истечено.

Секое лето се повторува истата слика, колони кон Охрид, преполни плажи во Дојран, семејства што бараат слободен чадор во Струга. Но постои и едно сосема поинакво македонско лето, далеку од главните патишта и туристичките брошури, скриени камп-локации во планините, некогашни бањи кои примале илјадници гости годишно, а денес стојат напуштени, и диви плажи каде концептот на спасител, лежалка или организиран сервис едноставно не постои. Еве ја другата страна на македонското лето.

10 необични места каде Македонците летуваат

1. Автокамп Љубаништа – на околу 30 километри од Охрид, во подножјето на Галичица, на место каде планината речиси се допира со езерото. Според искусни кампери, местото бара најмалку три дена престој за целосно да се почувствува неговата „магија на природата“.

2. Черти Камен, Преспанско Езеро – впечатлива варовничка карпа меѓу патот Отешево–Царина и езерото. Некогаш остров, денес е познат по пештерната црква и како една од локациите што ги избираат љубителите на дивото кампување – и покрај, или можеби токму поради, необичното значење на името.

3. Матка – една од најпопуларните дестинации во близина на Скопје, но и место каде љубителите на кампувањето можат да најдат изолирани точки помеѓу кањонот и вештачкото езеро.

4. Стење, Преспанско Езеро – неформална локација која заедниците на љубители на кампувањето редовно ја препорачуваат за оние што сакаат да поминат неколку дена во природа, далеку од класичните туристички центри.

5. Мариово, покрај Црна Река – оддалечена и тивка локација за оние што бараат целосна изолација од урбаниот живот и сакаат летото да го поминат во природа.

6. Азот, покрај реката Бабуна – според препораките на патнички форуми, чисто и мирно место со шума и река, погодно и за оние кои првпат се обидуваат со кампување.

7. Плачковица – планина која искусните кампери ја опишуваат како одлична дестинација за кампување и „питома планина“, со повеќе можности за пристап и престој во природа.

8. Кожув, кај „Смрдливата Вода“ – предел познат по сулфурните извори, каде некогаш функционирала и импровизирана печка. Денес местото е популарно меѓу поискусните планинари и љубителите на природата.

9. Тиквешко Езеро – вештачко езеро кое во последниве години сè почесто се појавува на листите на заедниците посветени на дивото кампување.

10. Црно Езеро, Шар Планина – високопланинска локација, физички најоддалечена и најнедостапна од листата, но токму поради тоа привлечна за оние што сакаат целосно да избегаат од туристичката гужва.

Заборавени бањи, каде некогаш оделе илјадници, а денес речиси никој

Малкумина денес знаат дека Македонија располага со бројни минерални извори и повеќе бањски центри, од кои дел одамна ја изгубиле некогашната слава.

Кочанска Бања, во подножјето на Осоговските Планини, ја користеле уште Римјаните. Денес, според достапните податоци, бањата е целосно напуштена, руинирана и обрасната со вегетација, без активна употреба, и покрај асфалтниот пат кој сè уште води директно до неа.

Слична, можеби уште потажна судбина има и Кумановска, односно Проевска Бања, позната уште од XIX век. Локалните жители ја опишуваат како „некогаш далеку прочуена и посетувана“ – геотермален извор со научно потврдени лековити својства.

За разлика од нив, Катлановска Бања, најблиску до Скопје, доживеа ревитализација по 2008 година и денес повторно привлекува посетители. Сепак, турскиот амам во нејзиниот состав, историски еден од најзначајните делови на комплексот, и понатаму стои во урнатини и ја очекува планираната обнова.

Диви плажи, каде летувате без лежалки, спасители и организиран сервис

Она што малкумина го земаат предвид кога планираат летен одмор е колку мал дел од македонското крајбрежје на трите големи езера е официјално и безбедносно надгледуван.

Според истражување на здружение за заштита на потрошувачите, капалиштата во Дојранското Езеро се без спасители на вода. На струшкиот дел од Охридското крајбрежје, според истото истражување, само една плажа има ангажирано спасител. Во Преспа, пак, безбедни се само две плажи од целото крајбрежје. Дури и во самиот Охрид, каде што постои најразвиена туристичка инфраструктура, само дел од плажите со кои стопанисуваат правни субјекти имаат ангажирано спасители.

Остатокот, вклучително и бројните неформални точки за капење долж крајбрежјето, останува без организиран надзор.

Меѓу најпознатите „диви“ плажи е Дупени Бич во Преспа, позната по природниот амбиент, песочниот брег и зајдисонцата. Наместо лежалки, шанкови и организирана инфраструктура, тука посетителите се потпираат на природната сенка од дрвјата покрај водата.

Слична, неформална атмосфера владее и на бројни точки долж брегот на Дојранското Езеро, каде домашните и странските посетители самите носат чадори, столчиња и храна, без организиран сервис на плажата.

Она што ги поврзува сите нив

Од камп-локациите скриени од главните туристички патишта, преку бањите кои некогаш примале илјадници гости годишно, а денес се тивки и обраснати со вегетација, до плажите каде што нема лежалки, шанкови и организиран сервис другата страна на македонското лето не е нужно помалку привлечна од најпознатите туристички места.

Само е поинаква. И токму таа непристапност, мирот и отсуството на класичната туристичка инфраструктура, за оние што ја бараат, можат да бидат најголемата причина да тргнат по некој друг пат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс