Каде треба да се стават новите гуми – на предните или на задните тркала?

Експертите предупредуваат дека погрешното поставување на новите гуми може да ја намали стабилноста на автомобилот и да го зголеми ризикот од пролизгување.

Сезонската замена на гумите е еден од клучните чекори за безбедно возење, но многу возачи не знаат како правилно да ги распоредат гумите според длабочината на шарата. Иако одлуката често изгледа логично, погрешниот распоред може сериозно да влијае на стабилноста и управувањето на автомобилот.

Кај возилата со преден погон, кои денес се најзастапени, предните тркала имаат двојна функција ја пренесуваат силата од моторот и поднесуваат поголем дел од оптоварувањето при кочење. Поради тоа, предните гуми се трошат значително побрзо од задните. Сепак, без разлика на степенот на истрошеност, гумите со подлабока шара секогаш треба да се постават на задната оска. Задните тркала имаат клучна улога во одржувањето на стабилноста на возилото и спречувањето на занесување.

Истрошените задни гуми, особено на влажни или лизгави патишта, можат да доведат до губење контрола врз возилото и да го зголемат ризикот од аквапланинг. Експертите советуваат редовна ротација на гумите на секои 15.000 километри, како и при секоја сезонска замена. На тој начин се обезбедува порамномерно трошење на сите четири гуми и подобра стабилност при возење.

Ротацијата се врши меѓу предната и задната позиција на истата страна од возилото предната лева со задната лева и предната десна со задната десна. Дијагонална замена е дозволена само кај симетрични гуми.

Кај асиметричните гуми мора да се внимава на ознаките на страничниот ѕид, бидејќи тие се наменети за точно определена страна на возилото. Важно е да се следи и насоката на ротација означена со стрелка на гумата. Ако гумата е поставена спротивно од означената насока, прилепувањето кон подлогата нема да биде оптимално, што може да предизвика полошо управување и поголем ризик од пролизгување на влажен коловоз.

Според законските прописи, минималната дозволена длабочина на шарата е 1,6 милиметри, но експертите предупредуваат дека тоа не гарантира целосна безбедност. Се препорачува зимските гуми да се заменат кога шарата ќе падне под четири милиметри, а летните под два милиметри. Освен истрошеноста, важно е да се следи и староста на гумите. Датумот на производство е означен во DOT кодот на гумата првите две цифри ја означуваат неделата, а другите две годината на производство.

Германскиот автомобилски магазин Auto Bild препорачува гумите да се заменат најдоцна по 11 години, додека германскиот авто-клуб ADAC советува да не се користат гуми постари од шест години.

е-Трн да боцка во твојот инбокс