Каде е најдобро да започнете нов живот? Панама прва, Германија и Норвешка на дното

Ново истражување на 7.786 иселеници открива каде е најдобро да се живее во странство. Панама е прва, а Германија и Норвешка се на дното.

Ако утре би ја напуштиле Македонија и би морале да изберете земја во која ќе го продолжите животот, некои дестинации би биле многу попривлечни од други. Според новото истражување „Expat Insider“, Панама трета година по ред е прогласена за најдобра земја за странци кои живеат и работат во друга држава, додека на дното се најдоа Норвешка и Германија.

Во истражувањето учествувале 7.786 луѓе од 162 земји, а сите испитаници живеат надвор од својата матична земја. При рангирањето не биле земени предвид само квалитетот на животот и висината на примањата, туку и можностите за вработување, личните финансии, наоѓањето дом, бирократијата, условите за преселување, секојдневниот живот и односот на локалното население кон странците.

Панама повторно убедливо прва

Панама третпат по ред го зазела првото место на листата. Особено високо била оценета во категориите поврзани со работата во странство и личните финансии, додека според квалитетот на животот се наоѓа на шестото место. Дури 87 отсто од испитаниците рекле дека се задоволни од животот во Панама.

За многумина важна предност е и едноставноста на секојдневниот живот. Околу 90 отсто од испитаниците сметаат дека релативно лесно можат да најдат сместување, додека 82 отсто позитивно ја оцениле процедурата за добивање виза.

Мексико и Тајланд веднаш зад неа

На второто место е Мексико, пред сè поради релативно едноставниот процес на преселување. Високи оценки добиле климата, културата и ноќниот живот, а 73 отсто од испитаниците локалното население го опишале како исклучително пријателски настроено и рекле дека лесно стекнуваат пријатели.

Третото место му припадна на Тајланд. Дури 86 отсто од испитаниците се задоволни од животот таму, а меѓу најголемите предности ги издвојуваат пријателскиот однос на локалното население и релативно достапните трошоци за живот. Сепак, квалитетот на воздухот останува сериозен недостаток – само околу една третина од испитаниците го оцениле како добар.

Европа доминира на дното

Ако првото место на Панама е изненадување, уште поголемо изненадување се последните позиции. Германија е на 30. место, односно претпоследна на листата.

Дури 61 отсто од испитаниците навеле проблеми со локалната бирократија. Негативно биле оценети и достапноста на административните услуги преку интернет, можностите за безготовинско плаќање и брзината на домашниот интернет. На последното место се најде Норвешка.

Само 46 отсто од испитаниците се задоволни од животот во оваа земја, а речиси сите анализирани аспекти добиле релативно ниски оценки.

А каде се Австрија, Швајцарија и Шведска?

Ниту некои од традиционално најпосакуваните европски дестинации не се најдоа блиску до врвот. Швајцарија е на 22. место, Австрија на 23., Шведска на 26., Канада на 27., а Обединетото Кралство на 28. место. Подобро се рангирани Шпанија, Португалија и Луксембург, додека меѓу првите десет се и Сингапур, Малезија, Австралија и Обединетите Арапски Емирати.

Резултатите покажуваат дека високата плата сама по себе не е доволна една земја да биде идеално место за нов живот.

Едноставната администрација, можноста за наоѓање работа и стан, трошоците за живот, климата и односот на локалното население кон доселениците можат да бидат подеднакво важни – а токму во овие категории се создаваат најголемите разлики меѓу земјите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс