Францускиот карван „Јуроп раид“ пристигна во Крива Паланка со донации за учениците

Францускиот авантуристички карван „Јуроп раид“ по шести пат пристигна во Крива Паланка, носејќи училишна и спортска опрема за учениците.

Познатиот француски авантуристички и солидарен карван „Јуроп раид“ пристигна во Крива Паланка, единствениот македонски град домаќин на ова патување што поврзува млади, култури и училишта низ Европа.

Карванот, со повеќе од 25 екипажи во автомобили „пежо 205“, тргна од Париз на почетокот од август и носи училишна и спортска опрема за училишта во Босна и Херцеговина, Бугарија, Албанија и Македонија.

Шеста година Крива Паланка го пречекува карванот

Настанот се одржа во дворот на ООУ „Свети Јоаким Крчовски“, под покровителство на Општина Крива Паланка.

Во чест на пристигнувањето на карванот беше организирана двочасовна франкофонска програма, како и културно-уметничка програма преку која беа претставени македонската традиција и култура.

Марк Брезија, офицер за безбедност во Амбасадата на Франција во Македонија, изјави дека е задоволство да ја претставува Амбасадата на настан што веќе прераснал во традиција.

„По шести пат, „Јуроп раид“ е пречекан со отворено срце и со пријателство во Крива Паланка“, рече Брезија.

Авантуристичко патување со хуманитарна мисија

Според Брезија, ова авантуристичко патување е исклучително искуство за учесниците, но истовремено е и солидарен проект што носи поддршка за училиштата во Европа.

„Настанот најмногу му користи на овој град, кој со својата убавина дава позитивна слика за државата, а посветеноста на Елена Николовска ги поврзува двете земји веќе шест години“, истакна Брезија.

Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, порача дека ваквите настани покажуваат дека Европа се гради и преку пријателство, почит, солидарност и соработка.

„Секој што патува остава траги, но вие оставате траги во срцата на нашите деца“, рече Митовски.

Тој додаде дека донациите што ги носи карванот испраќаат порака дека децата не се сами и дека некој мисли на нив.

Секој автомобил носи околу 70 килограми опрема

Жулиет Бертран, координаторка за логистика на „Јуроп раид“, истакна дека во Крива Паланка пристигнале повеќе од 25 екипажи со училишни материјали.

Секој автомобил носи по околу 70 килограми опрема, меѓу која училиштен прибор, спортски реквизити и други материјали наменети за учениците и граѓаните на Крива Паланка.

Опремата ќе биде соодветно распределена.

8.000 километри за 20 дена

Карванот „Јуроп раид“ поминува 8.000 километри за 20 дена.

Секој тим носи училишна или спортска опрема, како ранци, прибор, тетратки, топки, социјални игри, сликовници и книги на француски јазик, спортска облека и обувки.

Донациите се наменети за младите франкофони во земјите низ кои поминува карванот, со цел да ги поттикнат и мотивираат да го изучуваат францускиот јазик.

На настанот присуствуваа и Кети Димковска, советничка по француски јазик во Бирото за развој на образованието, и Марија Варсамис-Симоновска, претседателка на Здружението на професори по француски јазик.

е-Трн да боцка во твојот инбокс