Со осум концерти во четири фестивалски вечери, вечерва започнува јубилејното 25. издание на ОФФест, кое ќе трае до 6 јуни и ќе донесе музичари од 12 земји на сцените во Скопје. Организаторот, Скопскиот џез фестивал, најавува богата програма посветена на светската музика, а годинава во центарот на вниманието е континентот Африка.
На прес-конференцијата пред почетокот на фестивалот, директорот Оливер Белопета истакна дека и покрај јубилејот, организаторите останале верни на препознатливиот концепт на ОФФест – внимателно избрана програма со ексклузивни и автентични музички проекти од различни делови на светот.
„Најважно беше да ги донесеме најрепрезентативните имиња од светската музичка сцена, без да ги изоставиме Европа и Медитеранот. Годинава направивме поширок пресек на современата африканска музика и ги обединивме различните региони на континентот во една фестивалска приказна“, рече Белопета.
Фестивалот ќе биде отворен вечерва во Националната опера и балет со концертот „Guitari Baro“, трио составено од врвни гриот-музичари од Гвинеја и Мали, кои ги спојуваат традиционалните африкански звуци со џез, конгоанска румба и кубански влијанија. Подоцна вечерта ќе настапи и јужноафриканската група BCUC, позната по својата експлозивна комбинација од африкански ритми, психоделични грувови, хип-хоп и панк-енергија.
Во следните денови публиката ќе има можност да ужива во настапите на норвешкиот виолинист Нилс Окланд, македонскиот дует „Добрила и Доријан“, шпанско-италијанското дуо Раул Рефри и Марија Мазота, како и африканската женска супергрупа „Les Amazones d’Afrique“, која преку музиката испраќа силни пораки за родова еднаквост и борба против насилството врз жените.
Завршната вечер во Младинскиот културен центар ќе биде посветена на африканските звуци со настапите на мозамбискиот мајстор на тимбила Мачуме Занго и танзанискиот состав „Zawose Queens“. Во рамки на програмата ќе биде прикажан и музичкиот документарец „Elis & Tom – It Had to Be You“, посветен на едно од најзначајните изданија во историјата на бразилската музика.
Покровител на фестивалот е Министерството за култура и туризам, кое годинава го поддржа ОФФест со 2,4 милиони денари. И ова издание визуелно го потпишува уметникот Зоран Кардула, автор на фестивалскиот плакат и каталог.