Во рамки на одбележувањето на 80 години од постоењето на Драмски театар Скопје, вечерва на малата сцена ќе биде одиграна јубилејната 50. изведба на монодрамата „Кармен“. Претставата започнува во 20 часот и претставува една од најуспешните современи театарски продукции на македонската сцена, која од својата премиера во 2021 година гради силен сценски и фестивалски живот.
„Кармен“, во изведба на Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, е работена според романот „Пет часа со Марио“ од шпанскиот автор Мигел Делибес, во драматизација и режија на Дејан Пројковски. Монодрамата низ интензивен и емотивно набиен монолог ја следи животната исповед на жена која ги отвора темите за бракот, општествените норми, стравовите и потиснатите желби.
Од премиерата до денес, претставата има гостувано на бројни фестивали во Европа и пошироко, вклучувајќи сцени во Бугарија, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Молдавија, Грузија, Турција и Јужна Кореја.
„Кармен“ е добитник на повеќе награди, меѓу кои признанија за најдобра претстава, најдобра режија и најдобра актерска игра на меѓународни фестивали, потврдувајќи го нејзиниот статус на едно од најзначајните современи македонски сценски дела.
Претставата трае 85 минути и се изведува без пауза, а останува дел од редовниот репертоар на Драмски театар Скопје.