ЈСП вози по зимски возен ред и со изменета рута, граѓаните повторно пред предизвик

Дел од линиите се пренасочени поради градежни работи, додека граѓаните и натаму се соочуваат со доцнења, метеж и непредвидлив јавен превоз.

Јавниот превоз во Скопје продолжува да функционира по зимски возен ред, информираат од ЈСП, а дополнително дел од автобусите сообраќаат и по изменети траси поради градежни работи на пат.

Според соопштението, изменет режим на сообраќај има на линиите 3б, 4, 7, 9, 18, 23, 24, 44, 54 и 118, што значи дека граѓаните ќе треба да сметаат на отстапувања од вообичаените рути.

Јавниот превоз веќе подолго време е една од најчестите теми на незадоволство кај скопјани. Доцнења, преполни автобуси и нередовни линии се дел од секојдневието, а секоја дополнителна измена во режимот на сообраќај го прави користењето на ЈСП уште понепредвидливо.

Иако зимскиот возен ред формално треба да значи прилагодување на потребите во одреден период, во пракса за многу граѓани тоа значи подолго чекање и помалку сигурност дека ќе стигнат навреме на работа, училиште или факултет.

Со новите измени на трасите, предизвикот станува уште поголем, особено за оние што секојдневно зависат од јавниот превоз како единствен начин на движење низ градот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни