ЈП ЛАЈКА по повод Меѓународниот ден на кучињата: Како се однесуваме кон животните, такво општество градиме

Општеството во кое кучињата се безбедни е побезбедно и за луѓето. Хуманоста, одговорноста и почитувањето на животот не се гест што треба да го покажеме само денес – тие се обврска што треба да ја исполнуваме секој ден.

По повод 26 Август, Меѓународниот ден на кучињата, ЈП „Лајка“ потсетува дека овој ден не е само можност да ја славиме поврзаноста меѓу луѓето и кучињата, туку и повод сериозно да размислиме за нашата одговорност кон нив.

Кучињата се дел од нашето секојдневие и од заедницата во која живееме. Сепак, голем број од нив и понатаму завршуваат на улица како последица на неодговорно сопствеништво, неконтролирано размножување, напуштање и непочитување на законските обврски. Бездомните кучиња не се појавуваат сами – тие се последица на човечки постапки и на долгогодишно отсуство на доследна, заедничка одговорност.

Создавањето похумано и побезбедно општество не зависи само од работата на едно јавно претпријатие или прифатилиште. Тоа бара вклученост од институциите, локалните самоуправи, сопствениците на домашни миленици и од секој граѓанин поединечно.

Одговорното сопствеништво подразбира кучето да биде микрочипирано, вакцинирано, соодветно чувано и под постојан надзор. Тоа значи и навремена стерилизација или кастрација, спречување несакани легла и преземање целосна грижа за животното во текот на целиот негов живот. Напуштањето куче никогаш не смее да биде прифатено како решение.

ЈП „Лајка“ секојдневно работи на хуман третман и контрола на популацијата на бездомни кучиња преку програмата „залови – стерилизирај – вакцинирај – врати“. Кучињата што доаѓаат во прифатилиштето добиваат ветеринарен третман, се вакцинираат против беснило, се микрочипираат и се стерилизираат или кастрираат. Истовремено, тимот работи на нивна социјализација и на пронаоѓање соодветни домови.

Но прифатилиштата не можат да го решат проблемот доколку секојдневно нови кучиња се напуштаат на улица. Трајното решение е во превенцијата: одговорно сопствеништво, санкционирање на напуштањето, масовна идентификација и стерилизација на сопственичките кучиња, едукација и активна соработка меѓу граѓаните и институциите.

Секој од нас може да придонесе. Со вдомување наместо купување, со привремено згрижување, волонтирање, донирање, споделување објави за вдомување и одговорно пријавување случаи на повредени или загрозени животни. Понекогаш едно споделување е доволно вистинскиот човек да го забележи кучето што долго време чека дом.

По повод Меѓународниот ден на кучињата,  издвојуваме и неколку од нашите станари:

Тие не бараат сожалување. Бараат можност да бидат забележани, прифатени и сакани. Секое од нив има различна приказна, но и иста желба – прифатилиштето да не биде неговиот последен дом.

На овој Меѓународен ден на кучињата ги повикуваме граѓаните да ја претворат љубовта кон животните во конкретна и одговорна постапка. Да не ги напуштаат своите миленици, да ги стерилизираат и микрочипираат и да вдомуваат.

Општеството во кое кучињата се безбедни е побезбедно и за луѓето. Хуманоста, одговорноста и почитувањето на животот не се гест што треба да го покажеме само денес – тие се обврска што треба да ја исполнуваме секој ден.

е-Трн да боцка во твојот инбокс