Јирген Клоп нов селектор на Германија

Јирген Клоп постигнал договор со Германскиот фудбалски сојуз и наскоро треба официјално да стане нов селектор на Германија, тврдат „Скај“ и „Билд“.
EPA/BENJAMIN FANJOY

Јирген Клоп ќе биде новиот селектор на германската фудбалска репрезентација, објавија во недела попладне германските медиуми „Скај“ и „Билд“. Според нивните информации, 59-годишниот тренер постигнал договор со Германскиот фудбалски сојуз (DFB) и треба да потпише договор кој ќе важи до Светското првенство во 2030 година. Официјалната потврда од Сојузот сè уште се очекува.

Германскиот фудбалски сојуз ги започнал разговорите со Клоп по оставката на Јулијан Нагелсман, а поранешниот тренер на Борусија Дортмунд и Ливерпул, според медиумите, веднаш покажал подготвеност да ја преземе репрезентацијата.

Во меѓувреме, бил постигнат начелен договор и меѓу DFB и „Ред Бул“, каде што Клоп работеше како глобален директор за фудбал. Последните детали, наводно, биле усогласени во саботата во Њујорк со извршниот директор на „Ред Бул“, Оливер Минцлаф.

Иако договорот на Клоп со „Ред Бул“ траел до 2029 година, компанијата нема да бара отштета од Германскиот сојуз. Според германските медиуми, финансиските услови никогаш не биле пречка во преговорите. Се очекува Германија наскоро официјално да го претстави Клоп како наследник на Нагелсман и нов предводник на националниот тим.

Успешна клупска кариера

Клоп ги постигна најголемите успеси како клупски тренер. Со Борусија Дортмунд двапати ја освои титулата во германското првенство, а со Ливерпул стана шампион на Англија и победник во Лигата на шампионите.

По заминувањето од „Енфилд“, Клоп прифати раководна функција во фудбалскиот систем на „Ред Бул“, но сега се очекува негово враќање на тренерската клупа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс