Јавна расправа за новата еколошка дозвола на „ТИТАН Усје“: Денеска ќе се утврдуваат условите за работа во следните седум години

Во Скопје денеска ќе се одржи јавната расправа за обновување на А-интегрираната еколошка дозвола на „ТИТАН Усје“, на која ќе се разгледуваат условите за работа на цементарницата во наредните седум години.

Денеска во Скопје ќе се одржи јавната расправа за обновување на А-интегрираната еколошка дозвола на „ТИТАН Усје“, процес што ќе ги утврди условите под кои цементарницата ќе може да работи во наредните седум години.

Расправата е закажана за 14 часот во хотел „Александар Палас“, а на неа можат да присуствуваат претставници на институциите, граѓанските организации, иницијативите, стручната јавност и сите заинтересирани граѓани. Иако јавната расправа не е законски задолжителен чекор во постапката за издавање А-интегрирана еколошка дозвола, Министерството за животна средина и просторно планирање ја иницираше поради зголемениот јавен интерес. Нејзината организација е во надлежност на Општина Кисела Вода, каде што се наоѓа цементарницата.

Во последниот период прашањето за влијанието на големите индустриски капацитети врз животната средина е во фокусот на јавноста, особено по активностите на граѓанските иницијативи, меѓу кои и „Стоп за Усје“, кои бараат поголема транспарентност и построга контрола на работењето на фабриката.

Од „ТИТАН Усје“ велат дека во целост ги почитуваат законските процедури и активно соработуваат со надлежните институции во процесот на обновување на дозволата.

„Како одговорна и транспарентна компанија, работиме согласно домашната регулатива и ги применуваме најдобрите достапни индустриски практики што важат и во Европската Унија. Го поздравуваме секој конструктивен дијалог заснован на аргументи, бидејќи веруваме дека тоа придонесува за одржлива животна средина“, наведуваат од компанијата.

Оттаму додаваат дека заштитата на животната средина е една од нивните основни вредности и дека внимателно ја следат јавната дебата поврзана со квалитетот на воздухот и влијанието на индустријата врз животната средина.

Што претставува А-интегрираната еколошка дозвола?

А-интегрираната еколошка дозвола е задолжителен документ без кој не можат да работат големите индустриски капацитети, како цементарници, челичарници и енергетски постројки. Ја издава Министерството за животна средина и просторно планирање, а во неа се утврдени условите што операторот мора да ги исполнува за да го минимизира влијанието врз животната средина.

Дозволата важи седум години, по што мора да се обнови преку постапка што вклучува јавен увид и можност за доставување забелешки и предлози од институциите, компанијата, експертите, граѓанските организации и јавноста.

Министерството може да ги измени условите во текот на важноста на дозволата доколку се воведат нови технологии, се изменат законските прописи или доколку загадувањето достигне ниво што претставува ризик за здравјето на граѓаните и животната средина.

Доколку операторот не ги исполнува утврдените услови, А-интегрираната еколошка дозвола може да му биде одземена, а компанијата ќе мора повторно да ја помине целата постапка за нејзино добивање.

е-Трн да боцка во твојот инбокс