Јапонија откри богато подводно наоѓалиште на ретки минерали, важни за електрични возила и висока технологија

Анализите покажале дека повеќе од половина од минералите во морската кал се високо вредни ретки земни елементи, додека Токио го забрзува намалувањето на зависноста од Кина

Јапонија откри значајно наоѓалиште на ретки земни минерали во морската кал кај оддалечениот остров Минамиторишима во Тихиот Океан. Анализите покажале дека дури 54 проценти од пронајдените минерали се состојат од поретки и повредни ретки земни елементи.

Јапонската влада соопшти дека засега не ја објавува големината на наоѓалиштето, бидејќи досегашните истражувања се ограничени по обем и времетраење.

Прво успешно вадење од длабочина од шест километри

Истражувањето го спроведе јапонскиот истражувачки брод „Чикју“, кој во февруари ја заврши едномесечната експедиција во близина на островот Минамиторишима, околу 1.900 километри југоисточно од Токио. Станува збор за прв успешен обид во светот да се извади морско дно богато со ретки земни минерали од длабочина од околу шест километри.

Во текот на мисијата биле извадени околу 50 тони морска кал.

Клучни суровини за автомобилската и одбранбената индустрија

Анализите потврдиле присуство на итриум, кој се користи во воздухопловството, енергетиката и производството на полупроводници, гадолиниум, важен за магнетна резонанца и други високотехнолошки уреди, како и диспрозиум, неопходен за производство на магнети за електрични возила.

Проектот се реализира во период кога Јапонија настојува да ја намали зависноста од увоз на ретки минерали од Кина, која во последните две години воведе ограничувања за нивниот извоз.

Следува пробно подводно рударење

Јапонија планира во февруари 2027 година да започне едномесечно пробно подводно рударење, при што дневно би се ваделе околу 350 тони морска кал. Материјалот ќе се обработува на островот Минамиторишима, а потоа ќе се транспортира на главниот јапонски остров за тестирање на технологиите за сепарација, рафинирање и преработка.

Крајната цел е до март 2028 година да се утврди дали Јапонија може комерцијално да произведува ретки земни минерали од сопствени извори.

е-Трн да боцка во твојот инбокс