Незаконски уписи на постдипломци: Јаневска најави конечна одлука во понеделник

Министерката Весна Јаневска најави конечна одлука за незаконските уписи на втор и трет циклус студии по извештајот на Државниот просветен инспекторат.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска најави дека во понеделник Министерството ќе донесе конечна одлука за случајот со незаконските уписи на втор и трет циклус студии. Одлуката ќе следи по разгледување на извештајот од Државниот просветен инспекторат.

Јаневска изјави дека институциите мора да постапуваат согласно закон, иако, како што рече, го разбира незадоволството кај студентите.

„Постои закон по кој студентите требало да бидат запишани на втор и на трет циклус студии. Државниот просветен инспекторат вели дека тој закон е прекршен. Мене ми е многу жал за тоа што им се случува, но кога се запишувале на втор и трет циклус некој требало да им каже и тие самите да проверат каде се запишуваат“, изјави Јаневска.

Според инспекторатот, студенти биле запишани на магистерски и докторски студии иако имале завршено тригодишни стручни, а не академски студии.

Веќе се поништени уписите на 11 студенти, од кои седуммина биле запишани на магистерски, а четворица на докторски студии. Статусот на осуммина кои магистрирале останува нејасен.

Министерката најави и откривање дополнителни, посериозни неправилности во одредени институции, за кои, како што рече, ќе се постапува законски, а одговорноста ќе ја утврдат надлежните органи.

„Многу бргу ќе слушнеме уште една, многу покрупна неправилност од оваа, која ќе ја изненади целата македонска јавност. Има многу неправилности во одредени институции, не во сите, и за нив ќе се постапува по закон“, нагласи Јаневска.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни