Празни клупи од септември: најмалку 3.000 првачиња помалку од лани

Министерката Весна Јаневска предупреди дека во учебната 2026/27 година ќе има најмалку 3.000 првачиња помалку, а просечниот успех на матурата е 3,66.

Во претстојната учебна 2026/27 година ќе има најмалку околу 3.000 првачиња помалку во споредба со лани, изјави денеска министерката за образование Весна Јаневска.

На прес-конференцијата на која беа соопштени резултатите од државната матура, Јаневска рече дека намалувањето на бројот на ученици во основното образование е загрижувачко.

Во моментов има 4.900 првачиња помалку од лани

„Во овој момент бројката е 4.900 првачиња помалку од лани. Но, ќе се дозапишуваат и во овој период. Бројката ќе стигне најмногу до 3.000. Значи, сигурно ќе имаме 3.000 првачиња помалку од лани“, предупреди Јаневска.

Таа посочи дека состојбата со намалениот број ученици е сериозен сигнал за образовниот систем.

Просечниот успех на матурата е 3,66

Јаневска информираше дека просечниот успех постигнат на државната матура годинава изнесува 3,66.

„Со ваков успех сме многу задоволни. Тој е на ниво на минатогодишниот просек, кој изнесуваше 3,69, и подобар од прекланскиот, кој беше 3,26“, рече министерката.

Матурата годинава се полагаше по нов модел

Министерката потсети дека годинава државната матура се полагаше по нов модел, со кој, како што рече, сите ученици биле ставени во рамноправна положба.

„Сите ученици ги направивме рамноправни при полагањето, со тоа што одговараа на прашањата кои се однесуваа на материјалот што го изучувале во претходните години. Подобрувањето се должи како на целиот систем, така и на односот на учениците и на тестаторите“, нагласи Јаневска.

е-Трн да боцка во твојот инбокс