Клариќ-Кимовска на светската винска сцена како судија на Decanter 2026

Јадранка Клариќ-Кимовска годинава беше дел од судискиот тим на Decanter World Wine Awards 2026, како единствен претставник од Македонија меѓу судиите на едно од најпрестижните вински оценувања во светот.

Јадранка Клариќ-Кимовска, вински експерт, сопственичка на винскиот бар Wine Berry и основачка на Wine Escape, годинава беше дел од судискиот тим на Decanter World Wine Awards 2026, како единствениот претставник од Македонија меѓу судиите на годинешното издание.

Decanter World Wine Awards важи за еден од најпрестижните и највлијателни вински натпревари во светот. На годинешното издание биле оценувани повеќе од 17.000 вина од 57 земји, од страна на 245 вински судии, меѓу кои и 36 новоизбрани членови.

Вината се оценуваат преку blind tasting, процес што овозможува објективно оценување, бидејќи судиите не знаат кое вино го дегустираат. При оценувањето се земаат предвид квалитетот, балансот, комплексноста, типичноста на сортата и регионот, како и потенцијалот за развој.

Признание за македонската винска сцена

Клариќ-Кимовска има долгогодишно искуство како вински професионалец и оценувач на меѓународни натпревари, меѓу кои Mundus Vini, Concours Mondial de Bruxelles, Open Balkan и Balkan Wine International Competition. Годинава, за првпат во својата кариера, беше дел од судискиот тим на Decanter World Wine Awards.

Нејзиното учество е значајно признание не само за неа лично, туку и за македонската винска сцена. Присуството на македонски вински експерт во жири на ваков натпревар е потврда за професионалниот кредибилитет, експертизата и меѓународното искуство што Клариќ-Кимовска ги градела низ годините.

„Да се биде дел од ваков процес е исклучителна чест и голема одговорност. Ова е можност не само да се учи од најдобрите светски професионалци, туку и да се даде свој придонес во процес што поставува глобални стандарди во винската индустрија. Особено ми е драго што Македонија има свој претставник на вакво ниво“, изјави Клариќ-Кимовска.

Македонија како винска дестинација со потенцијал

Учеството на Клариќ-Кимовска доаѓа во период кога македонските вина бележат сè поголема меѓународна препознатливост. Признанијата од вакви натпревари значително придонесуваат за нивна промоција, позиционирање на странските пазари и градење на имиџот на Македонија како винска земја со сериозен потенцијал.

Преку Wine Berry, како и преку Wine Escape, концепт посветен на вински тури и автентични вински искуства низ Македонија, Клариќ-Кимовска континуирано работи на развој и промоција на винската култура.

Нејзиното учество на Decanter World Wine Awards 2026 е уште еден чекор во афирмацијата на македонската винска приказна надвор од домашните граници. Во свет во кој винската сцена е сè поконкурентна, ваквото присуство значи дека Македонија не е само земја што произведува вино, туку и земја што има експерти кои можат да оценуваат според највисоките светски стандарди.

е-Трн да боцка во твојот инбокс