Израел воведува јавни судења и смртна казна за учесниците во нападите од 7 октомври

Израелскиот парламент усвои закон со кој се воведуваат јавни судења и смртна казна за учесниците во нападите на Хамас од 7 октомври 2023 година, додека организациите за човекови права предупредуваат на можни злоупотреби.

Израел усвои нов закон со кој се воведува смртна казна и се овозможуваат јавни судења за учесниците во нападите што Хамас ги предводеше во октомври 2023 година, како и за масовното киднапирање заложници. Законот, кој невообичаено беше предложен заеднички од власта и опозицијата, беше изгласан во израелскиот парламент Кнесет со 93 гласа „за“, без ниту еден „против“. Останатите 27 пратеници биле отсутни или воздржани.

„Нека сите видат како жртвите и нивните семејства ги гледаат в очи овие убијци, силувачи и киднапери“, изјави Јулија Малиновски, една од предлагачите на законот.

Законот го споредуваат со судењето на Адолф Ајхман

Израелските политичари кои го поддржуваат законот велат дека судењата ќе имаат историско значење и ги споредуваат со процесот против нацистичкиот злосторник Адолф Ајхман. Ајхман беше обесен во 1962 година и останува единствената личност осудена на смрт од израелски цивилен суд.

Новиот закон создава посебна правна рамка за процесирање на осомничените за директно учество во нападите од 7 октомври, вклучувајќи и припадници на специјалната единица Нухба на Хамас, кои беа заробени во Израел. Тие би можеле да се соочат со обвиненија за тероризам, убиства, сексуално насилство и геноцид, за кои е предвидена смртна казна.

Судењата ќе се снимаат и емитуваат

На обвинетите ќе им суди специјален воен суд во Ерусалим, според правила што се разликуваат од редовните кривични постапки. Клучните делови од судењата, вклучително и воведните зборови, пресудите и изрекувањето казни, ќе бидат снимани и емитувани на специјална интернет-страница.

Израелските организации за човекови права се спротивставија на законот, не само поради смртната казна, туку и поради стравувањата од „монтирани процеси“ засновани на признанија изнудени со тортура.

„Луѓето одговорни за нападите врз цивилите во јужен Израел мора да одговараат, но не на овој начин. Тие заслужуваат правична постапка, а смртната казна никогаш не треба да биде опција“, изјави Сари Баши, извршна директорка на Јавниот комитет против тортура во Израел.

Израелската влада ги отфрла обвинувањата за систематска тортура и тврди дека постапува во согласност со меѓународното право.

Семејствата на жртвите бараат одговорност

Во расправата за законот учествувале и семејства на жртвите од нападите. Кармит Палти Кацир, чиј брат бил киднапиран и убиен во заробеништво, изјави дека сака судењата да донесат одговори за семејствата кои сè уште не знаат што точно се случило со нивните блиски.

„Не може да бидеме фокусирани само на терористите од Нухба, а да не се прашаме како се случи оваа страшна трагедија и кој ќе понесе одговорност“, порача таа.

Во меѓувреме, неколку десетици луѓе протестираа пред седиштето на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа против новиот закон.

„Овој закон е суров. Тој се обидува да ни ја одземе надежта со која живееме“, изјави Хишам ал-Вахад, брат на исчезнат палестински новинар.

Иако Израел со години практично не ја применуваше смртната казна, последните анкети покажуваат растечка поддршка меѓу еврејските Израелци за ваква мерка, особено за припадниците на Нухба.

е-Трн да боцка во твојот инбокс