„Измамникот од Тиндер“ прави своја апликација откако доби траен бан

Сајмон Левиев тврди дека сите заработиле од документарецот на Нетфликс и најави сопствена платформа за запознавање.

Сајмон Левиев, човекот кој стана глобално познат по документарецот „Измамникот од Тиндер“, најави дека наскоро лансира сопствена апликација за запознавање. Овој потег доаѓа откако доби трајна забрана за пристап на Тиндер, платформата каде што според јавните обвинувања измамил повеќе жени за милионски износи. Левиев во неодамнешно интервју потврди дека планира да ја заобиколи забраната преку нов дигитален проект, тврдејќи дека не чуствува каење.

По документарецот од февруари 2022 година, Тиндер му го блокираше профилот на 35-годишниот Левиев. Тој сега планира да се врати на сцената за онлајн запознавање преку сопствена платформа.

Во неодамнешно интервју, Левиев отворено зборуваше за публицитетот што му го донесе филмот. Тврди дека приказната била профитабилна за двете страни.

„Наскоро излегува мојата апликација за запознавање. Драго ми е што им оди добро. Тие заработуваат од тоа, а заработувам и јас. ‘Измамникот од Тиндер’ е најдобрата работа што ми се случила. Викајте ме измамник, викајте ме како сакате. Не ми е гајле. На крајот јас сум тој што се смее додека ги брои парите“, изјави Левиев.

Во меѓувреме, тој стана татко на две деца и ги обнови односите со своите родители.

Филмот детално прикажа шема според која Левиев наводно измамил шест жени во периодот од 2017 до 2019 година. Тој се претставуваше како син и наследник на познат милијардер, заведуваше со луксузни патувања и скапи хотели, а потоа бараше итни парични позајмици тврдејќи дека животот му е во опасност.

За обвинувањата изнесени во филмот тој никогаш кривично не одговараше.

Судската пресуда што ја отслужи датира од 2019 година, но се однесуваше на кражба на чекови од работодавачи, измама и фалсификување документи уште од 2011 година во Израел. По тие дела избега со лажен пасош, за што подоцна одлежа 15 месеци затвор. Минатата година беа отфрлени и последните активни пријави против него, па денес не се соочува со ниедна судска постапка.

Левиев денес целосно ги отфрла тврдењата на жените. За Пернила Сјохолм изјави дека „само сакала да стане славна“. Сјохолм, која тврди дека му дала заштеда од околу 50.000 фунти, ги оцени неговите тврдења како апсурдни.

Врската со Сесили Фјелхој ја опиша како обична кратка средба, додавајќи навредливи коментари на нејзина сметка. Фјелхој пак наведе дека поради неговите измами изгубила околу 200.000 фунти и поминала три недели на психијатриско лекување поради траумата.

Двете жени денес работат како мотивациски говорнички. Тие реагираа со огорченост на неговите обиди за нов бизнис и предупредија дека ваквите измами оставаат тешки последици кај жртвите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс