Игор Тошевски отвора изложба инспирирана од ноар филмовите во Центар-Јадро

Поставката „Фикции“ ги соочува филмските наслови и редимејд објектите, деконструирајќи го начинот на кој се произведува вистината.

Уметникот Игор Тошевски утревечер, на 22 септември во 20 часот, ја отвора својата самостојна изложба „Фикции“ во Културно-социјалниот простор Центар-Јадро во Скопје. Поставката прави спој меѓу визуелниот јазик на класичната кинематографија и просторните интервенции, преведувајќи ги културната теорија и филмските мотиви во директни ликовни декларации. Изложбата на Игор Тошевски ги става посетителите во простор каде што се преиспитува границата меѓу реалноста и илузијата.

Поставката „Фикции“ комбинира нагласени филмски наслови на платно со тивки редимејд предмети. Тошевски користи естетика со висок контраст, остри сенки и специфична типографија карактеристична за американскиот филм ноар од средината на минатиот век.

Преку овие елементи, авторот гради тензија меѓу текстот и предметот, односно меѓу знакот и фактичката состојба. Публиката влегува во амбиент од замислени филмски кадри и теоретски трилери, наоѓајќи се токму на пресекот меѓу видливото, изреченото и она што останува сокриено.

Во освртот кон изложбата, теоретичарката Искра Гешоска посочува дека Тошевски со години архивистички обработува и класифицира филмски секвенци. Неговиот фокус паѓа на специфични мотиви, како расфрлани тела на подот, напуштени соби или детали од облека што сведочат за нечие минато присуство.

„Таа архива на повторливата значенска празнина, на симболички и фактички геометриски празниот простор, не е само илустрација на еден жанр. Тошевски ја издигнува на ниво на аутопсија на жанрот, на негова деконструкција и длабинска херменевтичка вивисекција“, пишува Гешоска.

Според неа, делата не нудат готова вистина за ноар естетиката, туку претставуваат хипотеза за тоа како се создава реалноста — фрагмент по фрагмент и слика по слика.

е-Трн да боцка во твојот инбокс